Сергеј Самсоненко отворено за доцнењето на плати, судски спорови, несогласувања, заминувања на играчи поради незадоволство...

Високите дострели комплетно ја променија спортската клупска реалност во Македонија, а ништо од тоа немаше да биде возможно без Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен кој речиси пет години несебично инвестира во „црвено-црното“ семејство.

Сергеј  е тивок и не се појавува пред медиумите, но овој пат, Самсоненко реши да ја прифати поканата за интервју на Gol.mk и отворено даде одговор на сите прашања поврзани со неговата иднина, РК Вардар, ЖРК Вардар, ФК Вардар, управата, клупската инфраструктура, буџетите и шпекулациите кои кружат во јавноста.

Многу контроверзии го пратат Вардар – доцнење на плати, судски спорови, несогласувања, заминувања на играчи поради незадоволство... Вистина или зли јазици?

Ние две години доцниме со плата во сите екипи. Но, секогаш сѐ е исплатено. Доцниме со плата затоа што мене ми е тешко да издржам. За скоро шест години, јас не сум добил никаква помош од државата. Мала помош имаше од спонзорите, благодарност до нив, но тоа е многу мала сума за ваков голем проект. Во изминативе две години јас веќе користам и кредити, продавам мој имот, што можеби не е нормално, но правам сѐ за да ги исплатам сите што се обврзале на соработка со нас. Јас не се кријам од тоа. Можам да кажам дека ниеден спортист не си заминал неисплатен. И нема да остане никој неисплатен. Јас нема да бидам должен никому. Имам респект кон моите играчи кои исто така се коректни и имаат разбирање. Некогаш секако дека постои нервоза поради ситауциите, но секогаш играчите го добиваат она што им следува. Никогаш немало лоша струја меѓу нас. Се има разбирање од двете страни. Лошо е кога се доцни, но тешко е да се одржуваат многу инвестиции, кога немаш повратни средства од истите.

Какво е финансиското салдо, колку доби Вардар од изминатата година која беше најуспешна?

Оваа година единствено сме на „нула“, или евентуално мал плус во фудбалот, ако добиеме еден случај поради кој сме на суд. И тоа не зборувам за трошоците за инфраструктурата, туку за тековните трошоци. За случајот Балотели сме на суд. Не сакавме да си оди, но тој побара и го ослободивме. А, на крај останавме и без играч и без пари – 500.000 евра. Исто така, жалам и за Спировски. Но, кога играч веќе не сака да остане во Вардар, логично е да го ослободиме. Добивме премногу мала сума за него, а тој е одличен играч. И тоа важи не само со него, туку и за секој друг играч. Кај нас, за нешто повеќе од четири години што сум во Вардар, сите играчи што заминаа – не сме сакале да ги ослободиме така лесно. И присилно не сме избркале никого.

Колкав ќе биде буџетот на Вардар наредната сезона? Изминатата сезона се инвестираа 11 до 12 милиони за сите три клуба, каков е финансискиот план без ЖРК Вардар?

Парите од ЖРК Вардар нема да се одлеваат во другите два клуба. Фудбалот ќе биде со скоро ист буџет, а машкиот ракометен клуб ќе има мало намалување во буџетот, пред сѐ затоа што ќе дојдат нови играчи. Разликата во буџетот во однос на лани ќе биде 10-15%. Веројатно околу седум до осум милиони евра ќе одат во Вардар. Но, точно ќе знаеме по пресметките, кога ќе формираме комплетни екипи, односно кога ќе се договориме за продолжување на соработка со актуелните, како и кога ќе донесеме нови играчи и во фудбалот и во ракометот.

Целото интервју на Гол.мк

Коментари

Популарно