Почна реконструкцијата на планинарскиот дом на Водно

Градот Скопје почна со реконструкција на планинарскиот дом на Водно. Градоначалникот Петре Шилегов ги повика државните институции и компаниите со општествена одговорност да се приклучат во реконструкцијата на домот со цел, како што рече, Водно да прерасене во спортско-рекреативен и културно забавен центар.

„Градот Скопје на барање на планинарите одлучи да го уреди планинарскиот дом на врвот на Водно. Овој планинарски дом е викенд свратилиште за голем број рекреативци, планинари и спортисти, гордост на градот и едно од омилените места од кое Скопје може да се види како на дланка. Овој планинарски дом долго време беше оставен на грижата на извесен број ентузијасти од Планинарскиот спортски клуб Бистра и други љубители на планинарењето кои се грижеа за одржувањето на овој објект и покрај ограничените услови за негово нормално функционирање“, истакна Шилегов.

Градот Скопје заедно со градските претпријатија ги обезбедија основните услови за престој во планинарскиот дом, односно конечно е решен проблемот со водоснабдувањето на домот и во употреба е пуштен новиот тоалет.

Почнати се и активности за урбано уредување на просторот, поставени се клупи, маси, летниковец, изработен е детски парк, поставени се корпи за отпадоци. Проектот за реконструкција на домот вклучува и комплетна реконструкција на кровот и двата ката, и комплетно опремување на домот со цел подобрување на условите.

Коментари

Популарно