(ФОТО) Кучиња искасаа скопјанец и сè уште се на улица во Ченто

Кучињата буквално ме турнаа на земја, ме гребеа, ме касаа, а јас клоцав, обидувајќи се да се спасам. При тоа клоцање удрив едно од кучињата, тоа почна да квичи и се тргна, па по него тргнаа и другите и така се спасив - раскажува Видомир Андреевски.

Скопјанец пред неколку дена бил нападнат од неколку бездомни кучиња на главната улица во населбата Ченто, на потегот помеѓу бензиската пумпа „Макоил“ и лимените згради. На неговите раце и нозе се видливи рани од гребењето и гризењето на животните. Тој видно вознемирен ни ја раскажа страшната случка, во која вели дека едвај се спасил од разбеснетите кучиња.

– Ниту носев храна, ниту на кој било начин ги испровоцирав. Тргнав да извадам пари од банкомат затоа што требаше да одам на одмор, но наместо на одмор, завршив по болници. Кучињата буквално ме турнаа на земја, ме гребеа, ме касаа, а јас клоцав обидувајќи се да се спасам. При тоа клоцање удрив едно од кучињата, тоа почна да квичи и се тргна, па по него тргнаа и другите и така се спасив – раскажува Видомир Андреевски.

Повреден и со раскрвавени раце и нозе го однеле во болница, каде што му биле санирани повредите и му била дадена неопходната терапија, а потоа случајот го пријавил и во полиција.

– Уште вечерта пријавив во сите институции. Наредниот ден повторно се јавив во „Вардариште“ да прашам дали е заловено некое од кучињата, меѓутоа не добив позитивен одговор. Вечерта брат ми поминал со велосипед во близина на местото каде што бев нападнат и сè уште имало пет-шест кучиња – тврди Андреевски.

Тој е разочаран од односот на надлежните, особено од оние од Службата за заловување, кои му рекле дека треба да ги препознае и посочи точно тие кучиња што го нападнале. Видомир објаснува дека жителите на Ченто имаат проблем со уличните кучиња подолго време, но дека никој од надлежните не презема ништо.

Од „Комунална хигиена“ нема одговор зошто не испратиле екипи за заловување на агресивните кучиња. На Андреевски единствено му преостанува да ги тужи Град Скопје и јавното претпријатие и да добие отштета за повредите нанесени од кучињата скитници.

По социјалните мрежи секојдневно се пријавува за проблеми со кучиња во најразлични делови на Скопје. Жител на населбата Водно деновиве објави слики од група од петнаесетина кучиња кои секоја ноќ талкаат по улицата Водњанска. Од „Комунална хигиена“ велат дека веќе преземаат акција на оваа улица и апелираат до граѓаните на дежурниот телефон во претпријатието да пријавуваат каде сè има агресивни кучиња, за да можат на време да реагираат.

За да го намали проблемот со уличните животни на своја територија, Општина Центар пред неколку месеци најави дека ќе гради стационар и дека веќе се бара локација. Локалните власти вчера не одговорија до каде е постапката поврзана со изградбата на стационарот за улични кучиња.

– Градот Скопје, заедно со ЈП „Комунална хигиена“ во континуитет работат на подобрување на условите за бездомните животи, како и за подобрување на условите за работа и подобрување на ефикасноста на вработените кои работат со оваа проблематика. Во јуни оваа година е набавено ново возило за заловување и транспорт на бездомните кучиња во стационарот „Вардариште“, а истото ќе се употребува и за подигнување на мршите од скопските улици – објаснуваат од Град Скопје.

Од Градот додаваат дека градоначалникот Петре Шилегов, меѓу првите активности по преземањето на функцијата, го посети стационарот „Вардариште“, заедно со претставници од „Анима мунди“, со цел заеднички да дојдат до едно оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни.

Во однос на стационарот „Вардариште“, Градот Скопје имаше намера да реализира повеќе активности, како што се реконструкција и доизградба на истиот, но анализите за работа открија дека стационарот е дивоградба.

– Тоа го констатиравме откако го изготвивме извештајот и кога Градот во буџетот предвиде 100.000 евра за реновирање. По оваа констатација веднаш започнавме со постапките за легализација на објектот, односно во координација сме со Општина Гази Баба да ја добиеме потребната документација и да продолжиме со планираното – велат од Град Скопје.

Сепак, од Градот не објаснуваат дали размислуваат за некоја друга хумана стратегија, со која трајно би се решил проблемот кој скопјани со години го имаат со кучињата скитници по улиците.

Коментари

Популарно