Еве зошто БОЈКОТИРАМ: Лагите на Заев и Димитров за договорот со Грција

Пред неколку дена во колумна ветив дека ќе го објаснам мојот личен став за БОЈКОТ на референдумот на 30 Септември. Без дополнителен вовед, ова се моите причини:

1. Договорот и референдумот се неуставни. Владата нема право да преговара за најважните точки од договорот. Истите се под ингеренции на Претседателот на Р.Македонија. Ниту еден политичар не смее да преговара за историја, а најголемиот дел од договорот се однесува токму на тоа. Референдумот е неуставен од повеќе аспекти, но ќе се задржам само на формулацијата на прашањето. Во уставот јасно пишува дека прашањето мора да биде јасно и едносмислено и да нуди само два одговора, ДА или НЕ. Во случајот избраното прашање, постојат 8 опции за одговор, а прашањето е најмалку трисмислено и опфаќа Договор со Грција, НАТО и ЕУ.

2. Освен неуставно, прашањето на референдумот е измислено, односно не соодвествува со реалноста. Вака поставеното прашање, ги наведува граѓаните да помислат дека со успешен референдум, односно прифаќање на договорот на Заев и Димитров со Грција, Македонија ќе влезе во ЕУ и НАТО. Тоа е ЛАГА! Европската комисија во Јуни годинава јасно ни кажа дека освен спорото со името со Грција, Македонија не исполнува уште многу критериуми кои се бараат за покана во унијата. ЛАГА е дека ако го ратификуваме договорот (со референдум) ќе добиеме покана во Јуни 2019 година. Вистината е дека следниов Јуни, комисијата повторно ќе седне на маса и ќе ја разгледува состојбата и ќе донесе нов заклучок. Всушност ќе го направи истото што и оваа година и минатата и таа пред неа... Ова ЈАСНО го пишува во извештајот од Јуни годинава на евроспката комисија. Значи никаде не се споменува „УСЛОВНА ПОКАНА“, ниту „ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ“. НЕ! Пред неполн месец Македонија го доби најнегативниот извештај од „Греко“  (Група на земји против корупција) во последниве 15тина години. Со таков извештај, драги мои, не се влегува во ЕУ, па ни со променети лични имиња на сите граѓани на парчево ни земја. Точно е дека со решавање на спорот со Грција ќе заврши блокада на соседот во ЕУ, но тоа не значи и автоматски влез, ниту почеток на преговори. Далеку сме од ЕУ ние, далеку. Што се однесува до НАТО, таму влезот би бил побрз, но сепак не веднаш. Од муабетите на Заев за тоа кое столче е наше, сега влезот во НАТО е 18 месеци од евентуалното прифаќање на договорот со Грција. 18 месеци во кои ќе треба да се сработат многу работи кои заостанаа додека Владата беше зафатена со делење тендери, стипендии и иновативни грантови. И додека ќерката на Димитров си ги троши 40.000 долари државни пари во Холандија, ние тука ќе чекаме на некој да му текне да си ја сработи работата за која е платен.

3. Договорот со Грција е НЕзавршен! Ова е веројатно најстрашниот дел за мене. Оставен е голеееем простор за дополнителни манипулации. Никаде во договорот не е определено како ќе се менува уставот. Од досега приложеното јасно е дека ќе се менуваат 4 амандмани од македонскиот устав, но никаде, апсолутно никаде не пишува како ќе гласат. Заев и Димитров си имаат некои свои верзии, но на хартија нема ништо! Сега не повикуваат да гласаме, за непотполн договор! Тоа е исто како на некој кој 100 пати в излажал, да му потпишете празен лист хартија. Што тој ќе напише над вашиот потпис, треба да му верувате на зборот. Јас а овие двајца не им верувам. Зошто? Еве кликнете ТУКА.

4. СДСМ и Заев ветуваа дека нема да го променат уставното име во изборната програма. Значи немаат право на тоа. Не се избрани за тоа, ниту имаат легитимитет.

5. ЛАГА е дека се зајакнува идентититетот. Вистината е дека губиме дел од историјата, а со тоа и дел од идентитетот како Македонци. Иако во договорот пишува дека ќе се формираат научни групи кои ќе ја утврдуваат (читај менуваат) историјата на основа на аргументи, веќе  е јасно на која страна ќе оди тоа. Впрочем, во договорот „втората страна“ (Македонија) се обврзува на спомениците од Античка Македонија да им напише дека се дел од Хеленската историја. Без научни групи и експерти, без аргументи и факти, Заев и Димитров се откажуваат од тој дел од историјата на која секако и ние имаме право. Не дека сме ние единствените или директните потомци на Александар, но не се ни Грците. Колку тие имаат право да се повикуваат на него, толку имаме и ние. А кога сме го правеле тоа со децении (без лаги дека за само 12 години учиме дека сме наследници на Александар, срамота е) дел од нашиот идентитет е изграден токму на Античкиот дел од историјата. Кога сега Заев го поклонува, со него поклонува и дел од нашиот идентитет. Освен тоа, Заев со договорот со Бугарија ги отуѓи и Кирил и Методиј, Самоил, па дури и Илинденското востание. Токму денеска премиерот кажа дека тие се дел од заедничката историја на Македонија и Бугарија! Со ова, Македонија останува со историјата по 1945, односно заедничката од СФРЈ и нашата во овие 27 години! Од тука, нашиот идентиет ќе треба да се гради на ликови како Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо (ау не, тој е Бугар), Стојан Андов и слични. Кој е од овие ви е погоден за да си го ЗАЈАКНЕТЕ идентитетот? Не озбилно, со кого од овие се идентификувате како Македонци?

6. Ги губиме и АСНОМ и Илинден! Проблемот со Илинден, освен што е бугарски (во договорот со Бугарија), е во „Илинденскиот манифест“. Во него се повикуваат браќата од Егејот, од Пиринот, од Вардараска Македонија. Секако, ова нема да може да стои во уставот! Сега стои. Со АСНОМ пак проблемот е што, види чудо, асномците се повикале на „Илинденскиот манифест“. Од кај да знаат луѓето дека еден ден во Македонија ќе дојдеме до ова дереџе па да ни смета тоа. Како и да е и АСНОМ мора да лета од Уставот.

7. Ја губиме придавката Македонски на секој производ, државна институција и преставник на Македонија во било која свера во светот. Па така, производите од Македонија ќе бидат „made in“ Северна Македонија. Со тоа виното ќе биде северно македонско вино. Гравот, севено македонски грав, итн. Институциите секако ќе бидат институции на Северна Македонија, па ќе биде многу интересно да им објаснувате на новите генерации како тоа ние сме Македонци, а телевизијата телевизија на Северна Македонија. Спортските репрезентациии, репрезентации на Северна Македонија. Спортистите, репрезентативци на Северна Македонија. Пејачите, пејачи на Северна Македонија. Колку време ќе му треба на светот да не завика Северномакедонци? Уште пострашно, по колку генерации самите ќе се викаме Северномакедонци? 1? 2? Веднаш?

8. Не е точно дека нацијата е македонска. Со договорот е признато само индивидуалното право за самоопределување. Секој сам да си каже што е, смее. Како нација, НЕ!

9. Со договорот признаваме постоење на други, постари од нас Македонци. Ние сме дојдени, населени на овој дел од Балканот, по нив. А тие се староседелци, прави Македонци! И ова ли го зајакнува идентитетот?

10. Го губиме малцинството секаде и засекогаш!

Има уште многу точки од договорот кои сериозно ми пречат, ама еве ќе заокружам на 10. Доволно е само една, но ете наведов повеќе. Да не ме сфатите погрешно, не барам никој од вас да бојкотира од истите причини. Всушност не убедувам никој да бојкотира. Само изнесувам аргументи за мојот избор, затоа што и бојкотот е тоа, ИЗБОР. Легитимен како и гласот за или против. Немам ништо против оние кои решиле да гласаат, без разлика што ќе заокружат. Ваш избор е луѓе. Секој за себе решава, а одговорност носиме сите. Единствено имам против оние кои манпулираат и лажат околу содржината на договорот и импликациите што следуваат. Значи НЕ, НЕ ЗАЈАКНУВА идентитет и ДА губиме (голем)  дел до историјата, а со тоа голем дел од идентитет што сега не дефинира како Македонци.и не, НЕ ГАРАНТИРА членсто во НАТО, уште помалку во ЕУ.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно