Денешните Македонци не заслужуваат држава!

Очекувањата не секогаш го детерминираат разочарувањето, па така, иако денеска ја очекував промената на уставот и уставното име, не можам да кажам дека не сум разочаран. Не можам да кажам дека не ме боли. Јасно беше дека до овој моомент ќе дојде, исто како што беше јасно дека во Македонија нема доволно Македонци кои би се бореле за идентитетот, историјата, името.

81 пратеник изгласаа нешто за што пред само една година бевме сигурни дека никогаш нема да се случи. Дури и премиерот изјави/лажеше дека не е роден таков човек што ќе смени устав и уставно име. Но, ете денеска сме сведоци дека сепак имало. Имало 81 пратеник спремни да одат против референдумско изјаснување на народот и уште 39 спремни да гледаат од надвор, без да се обидат да превземат нешто. 120 преставници на народот, го предадоа, она за што ветија дека се спремни да умрат. Но, не се само тие крив, криви сме сите Македонци, односно сите Македонци на кои ова им пречи. Има меѓу нас задоволни од промената на името, за нив ова не се однесува, иако ќе дојде моент кога и тие ќе плачат.

„Демократијата е управување на народот, од народот и за народот“, вели дефиницијата на Абрахам Линколн, но тој оддамна е мртов и не живеел во Македонија. Кај нас народот никако да разбере дека моќта ја носи самиот. Не знам зошто е тоа така. Дали сме толку прости или не ја сакаме таа одговорност. И во двата случаја, не заслужуваме ништо подобро од овие 81, не заслужуваме држава, ниту историја и идентитет. Не, ние не сме истите Македонци од Светските војни, од Илинден, не сме поколение на Самоил, уште помалку на Александар. Ние сме некои нови, мали, уплашени, себични, опуртинисти, за кои само личната корист е важна. Кај нас не постојат идеали, општествени вредности, не постои колективен идентитет. Само ќар, желба за лесен успех и потреба некој да не лаже дека од утре се ќе биде подобро. Истите оние кои не доведоа до тука, до дното на Европа и цивилизираниот свет, сега ветуваат дека ќе не спасат, а ние од се срце им даваме простор да прават што сакаат. Суспендираа владеење на право, прекршија устав, погазија референдум, сменија уставно име, ќе сменат и историја, а Македонецот негодува на Твитер и плука по оние 81 кои стиснаа на тастерите во собрание. А што, не знаевте дека ќе го изгласаат? Мислевте ќе им проработи совеста? Која совест? Или чекавте некој друг да излезе на улица и да ја бие вашата/нашата битка? ВМРО ДПМНЕ ви се сега криви? Или Албанските партии? Сите се предавници додека вие од топло си пишувате на Фејсбук! Така нема држава другари. Нема историја, нема идентитет, т.е. има, ама не оној на Македонците пред нас. Тој ќе си го поделат Грција и Бугарија. Ние ќе имаме нов, од 1948 година (во најдобра рака) или од 1991 година. Ние сме северни, вештачки, нови... Народ без корен, затоа што сам си го исече.

Од 17 Јуни кога беше потпишан договорот до сега, имавме речиси 7 месеци за протести. Од 30 Септември, кога беше референдумот, имавме 3 ипол месеци за бетонирање на одлуката. Но, место 100.000 луѓе на улица имавме по неколку стотини. Топло било, ладно било, дожд, снег... изговори колку сакате, но држава само една. Пред една недела искочи анкета во која 87% од населението во Макеоднија би се иселило од државава ако има шанса. 87% од нас сакаат да побегнат, да ја напуштат државата без борба, без отпор. Кога така би функционирал цел свет, ниту една држава не би постоела повеќе од 100 години. Се би се распаднало при првата криза. Замислете така да размислуваа Комитете или Партизаните... или Самоиловите војници, Фалангата на Филип и Александар. Името Македонија одамна ќе беше заборавено и сега ќе немавме шанса да го продадеме. Но, имало генерации вистински Македонци и има Северни Македонци. Исплашени, себични, неспособни за акција и одговорност. Полни со изговори и обвинувања кон секој друг освен себе. Првите ја изградија и носеа Макеоднија низ секакви кризи, вторите го подарија единственото нешто коа го имаа, за грст лаги... Со среќа нека ни е! Брзо ќе сфатите дека многу ќе ни треба, но среќата ги прати храбрите, а ние како народ, тоа не сме.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно