Цената на нафтата во вис

Значаен раст на цените на нафтата е забележан во последните неколку дена, а барел во петокот стаса до 73 долари. Причината за растот е намалената понуда и загриженоста околу новиот прекин на испораката за Блискиот исток поради тензиите. Растот на цената на нафтата впрочем сега и многу повеќе треба да не засега, затоа што поскапувањето или поевтинувањето директно и најмногу влијае на формирањето на цената на дериватите кај нас.

Според новите правила Регулаторната комисија за енергетика одредува максимална цена, а дистрибутерите секој понеделник одредуваат цени на бензините и на дизелот. Освен цената на нафтата на светскиот пазар во нивната вкупна цена се вкалкулирани и дополнителните трошоци за носење на дериватите, давачките за транспорт до пумпите и трошокот за склaдирање. Дали поскапувањето на нафатата на светскиот пазар ќе ги зголеми цените на дериватите на пумпите ќе стане јасно во понеделник но тоа е повеќе од очекувано.

Во петокот цената на северноморската нафта од типот брент порасна за 43 центи на 73,05 долари за барел, објави Блумберг и потстети дека „брентот“ оваа недела зајакна за дури 3 проценти.

Американската „лесна“ нафта поскапе за 60 центи и стаса до ниво од 63,47 долaри за барел. Американските санкции против Иран дополнително го намалија извозот на сурова нафта од таа земја членка на ОПЕК, што дополнително допринесе за намалување на понудата на „црното злато“.

Движењата на овие цени ќе имаат широка рефлексија и кај нас, а од диструбутерите не се впуштаат во коментари какви ќе бидат цените на бензинските од следната недела. Тие минататa недела ги намалија цените на бензините и на дизелот, затоа што околностите биле такви.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев на Енергетскиот самит во Струга во четвртокот изјави дека поради тоа што ќе има максимална граница која ќе ја определува Регулаторна комисија за енергетика, дистрибутерите нема значајно да зголемуваат цени. Сепак нагорна корекција може да се очекува, која секaкo ќе биде поради цената на нафтатa на светските берзи.

„Државата ќе се грижи само да стави горна максимална цена над која не смее да се продаваат нафтените деривати на слободниот пазар. Тоа е со цел да се заштитат граѓаните и индустријата и економијата кои зависат од нафтените деривати, рече Анѓушев.

Коментари

Популарно