Тензично во Малме пред Евровизија! Израелската претставничка предупредена да не излегува од хотелот

На израелската претставничка на овогодинашната Евровизија, Еден Голан, ѝ беше препорачано да не ја напушта хотелската соба, освен за настапите и официјалните настани на оваа манифестација, поради пропалестинските протести во Малме, шведскиот град каде што се одржува натпреварот.

Од полицијата ѝ рекле да остане подалеку од очите на јавноста освен за време на настапите, објави „Еуроњуз“.

Таа пристигна во Малме овој викенд, среде силно обезбедување, носејќи значка во знак на солидарност со заложниците кои сè уште ги држи Хамас.

Шведската полиција е во состојба на готовност и побарала засилување од Данска и Норвешка за најголемиот европски поп-музички натпревар.

Повиците за бојкот на настанот одамна пристигнаа, а повеќе од 1.000 шведски уметници побараа да се забрани учеството на Голан, како и 1.400 фински уметнички работници.

Во петокот во Малме беше запален Куран, додека, како што пишува „Тајмс оф Израел“, еден од сторителите на палењето на муслиманската света книга бил завиткан во израелско знаме, додека палестинското знаме било газено.

Натпреварот за најдобра песна на Евровизија ќе се одржи од 7 до 11 мај во Малме.

Коментари

Популарно