Тајната на монашкиот локум произведен во македонски манастир

Тројца монаси од манастирот “Света Богородица” пишуваат нова историја за Берово. Градот на југоистокот од Македонија кој никогаш не произведувал локум, сега го прави највкусниот и најнеобичен локум. Отец Фотиј, монахот за кого велат дека е мозокот за локумот, неодамна направи револуционерен чекор во локумопроизводството – го направи првиот чоколаден локум. Не прелиен со чоколадо, туку направен од чоколадо.

Познавачите велат дека таков не се прави ниту во Турција, земјата што важи за изумител на оваа слатка.

Монасите го прават локумот веќе една и пол година, но приказната почнала многу поодамна.

“Уште кога дојдовме овде, во 2002 година, почнавме да внесуваме промени. Со нашето настанување тука, ‘Света Богородица’ од црква стана манастир. Приближно во истиот период почнавме да произведуваме парфимиран темјан, а подоцна и сапун. Ги произведуваме и денес, но постојано баравме нешто ново што можеме тука да го произведеме. Јас сум слаткар по професија, па идејата за локумот се појави некако спонтано. На Света Гора, секој посетител го послужуваат со локум и со една чашка ракија, да се окрепи пред да си оди, а ние баравме нешто што ќе биде ем автентично ем ќе има учинок, економија за манастирот. Ни самиот не знам во кој момент решив да почнам да се обидувам да направам локум, а откако дојдов до успешна формула, почнав да експериментирам со вкусовите, аромите. Така експериментирајќи, дојдов до сегашниот чоколаден локум”, вели отец Фотиј, кој со денови се обидувал да ја пронајде вистинската густина за чоколадниот локум.

Рецептот за локумот и не е тајна. Се прави по истиот рецепт по кој се прави и крушевскиот локум од шеќер, вода и од скроб, но тајната е во дозирањето. Отец Фотиј вели дека треба да си мајстор, искусен во готвењето, за да ги погодиш вистинската доза и вистинското време на варење за локумот да излезе онаков каков што треба.

“Иако е по истиот рецепт како крушевскиот, нашиот локум е сосема поинаков. Го валаме во кокос место во шеќер во прав, но се разликува и во мирисот и во вкусот. Не се лепи за забите, што ни беше исклучително важно и останува мек и кога е отстојан. Не беше лесно да дојдеме до точната формула. Пред да почнеме да правиме локум, марифетот ни го покажаа мајсторите во ‘Донија’. Еден мајстор ни помагаше и овде во првите денови, а потоа голем советник за сe што ќе ни требаше ни беа Интернетот и Јутјуб. И сега постојано се советуваме”, се пошегува отец Фотиј.

Тој, заедно со отец Онуфри, го подготвува локумот, а отец Исак им е логистика, ги завршува сите останати обврски за манастирот да функционира. Една од нив во студеното Берово е одржувањето на огнот. Во работилницата за локум, отец Фотиј особено внимава на температурата и на влажноста на воздухот, а хигиената е на ниво на лабораторија за лекови. Се влегува со посебни папучи, а на секој посетител отец Фотиј му става заштитна капа на главата. Бидејќи прават локум со сите видови овошје и јаткасти плодови што ги нуди Малешевијата, во работилницата имаат мал склад каде што, уредно спакувани, чуваат мелени калинки, мандарини, киви, лимони, ананас, вишни, кајсии, шумски јагоди…

Колку видови овошје имаат, толку видови локум прават, а на некои им додаваат и јаткасти плови.

“На локумот од роза му ставаме и орев. Розата има силен мирис, но и покрај тоа, откако ќе се изеде локумот, во устата останува вкусот на орев. Тоа ни беше целта кога одлучивме да правиме и локум со роза. Во оној од калинки, пак, или во оној од капини има ситни семчиња оти плодовите се мелени. Експериментирањето ни покажа дека ако ги ставиме цели, плодовите се сушат, па се добива локум со стуткано овошје. Затоа сe што ставаме е мелено. Правиме и мрсен локум, со шам од јајца. Сите останати се посни, вклучително и чоколадниот, во кој ставаме посно чоколадо”, вели отец Фотиј.

Експериментирањето нема да заврши со чоколадниот локум. Тој е само последен од монашката работилница. Англиско тофи им е следниот предизвик. Планираат и проширување на производството. Плановите на отец Фотиј се истиот локум да се прави и во Скопје.

“Сакаме да отвориме работилница и во Скопје. Во неа ќе вработиме луѓе што се без работа, а помагаат во манастирите. Така ќе ги згрижиме. Сакаме тоа да биде работилница, а ние овде да бидеме лабораторија, да пронаоѓаме нови вкусови, да правиме нови производи”, вели отец Фотиј.

И во новата работилница сe ќе се прави рачно, оти отец Фотиј вели дека тоа го прави овој локум поразличен и повкусен од оние што фабрички се произведуваат.

“Секое парче локум е префатено од нас. Откако ќе се свари, локумот рачно се сече, се вала во кокос и едно по едно локумче се става во кутии од по половина килограм.

Понекогаш на помош за пакување ни доаѓаат деца. На тоа сме особено горди. Тоа го прават самоиницијативно”, вели отец Фотиј.

Монашкиот локум засега е привилегија за малкумина. Не го продаваат по дуќани, а не е изложен никаде, дури и во манастирот. Го купуваат само пријатели на монасите и пријатели на нивните пријатели. Може да се купи и во манастирите во Вељуса и во скопско Љубанци и никаде на друго место. Отец Фотиј вели дека нивниот локум сам се продава, не му е потребна реклама. Сега произведуваат по 120 кутии неделно оти, покрај локумот, тројцата монаси имаат и други дневни обврски. Се надеваат дека наскоро ќе успеат да отворат работилница и во Скопје, што ќе го зголеми производството. Тоа ќе им донесе поголем буџет, кој, пак, за нив ќе значи поголеми можности за експерименти и за создавање нови производи.

Слично како на Света Гора, монасите нe испратија со локум и се вратија во работилницата да го довршат пакувањето на чоколадниот локум, кој специјално го подготвија за да ни го покажат како го прават.

Извор: Религија.мк

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила на Македонија

Кралството Норвешка денеска ѝ ја предаде донацијата од 76 неборбени моторни возила на земјава. На предавањето на возилата во касарната „Илинден“ во Скопје свои обраќања имаа министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом и командантот на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка Андрес Јернберг.

Министерката за обрана Петровска во своето излагање посочи дека Армијата минува низ сеопфатен процес на модернизација и секоја дополнителна поддршка од сојузниците е добредојдена. Таа истакна дека донацијата ќе придонесе за зголемување на борбената готовност на Армијата.

– Нашиот одбранбен буџет континуирано расте, но секоја дополнителна поддршка од нашите сојузници е добродојдена. Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила значително ќе придонесат за зголемување на транспортните можности на единиците на Армијата односно за нивната борбена готовност, рече Петровска.

Министерката се осврна на бројните проекти кои се реализираат со поддршка на Кралството Норвешка. Со поддршка на Кралството Норвешка, Петровска вели, земјава го изгради Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност, за кој рече, придобивки ќе имаат двете земји, но и НАТО сојузниците.

– Со ваша поддршка го изградивме Регионалниот центар за односи со јавноста кој во моментов е во фаза на интензивен развој во НАТО школа за односи со јавност од кој придобивка ќе има и Македонија и Норвешка, но и нашите НАТО сојузници. Вие сте земја партнер во рамките на Балканските медицински сили чие постојано седиште е во Република Северна Македонија, рече Петровска.

Амбасадорката на Кралството Норвешка за Северна Македонија, Кристин Мелсом, истакна дека дипломатските врски меѓу двете земји се зајакнуваат последните 30 години, особено по приемот на земјава во НАТО Алијансата во 2020 година.

– Во последните години уште повеќе ја зајакнавме нашата врска со посетата на Командантот на Гардата на Неговото височество кралот и нашиот началник за одбрана г. Ајрик Кристоверсен, распоредувањето на македонскиот хируршки тим во Авганистан, меѓусебната размена на кадети, посетите на ваши офицери и на нашата бригада Север и на Здружениот оперативен штаб и уште неколку други проекти, рече Мелсом.

Дополнително ја истакна програмата за размена на кадети како еден од поважните заеднички проекти и посочувајќи на посветеноста на Северна Македонија кон Алијансата.

– Ја видовме посветеноста што ја покажавте кон Алијансата. Ја гледаме не само воената опрема што ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10 проценти од вашата армиска структура е импресивна, истакна Мелсом.

Бригадниот генерал Андрес Јернберг рече овој ден е од историско значење, бидејќи ја одбележува најголемата донација на воена опрема што Кралството Норвешка воопшто ја има направено за земја од Западен Балкан.

– Точно е дека 36-те лесни пешадиски возила и 40-те камиони од Норвешка кои штотуку пристигнаа во Северна Македонија ќе ги зајакнат вашите вооружени сили, но тие исто така се и доказ за нашата заедничка посветеност на поддршката на Украина и на сојузничкото одвраќање и одбрана. Всушност ова е одличен пример за тоа како треба да се врши одвраќање и одбрана преку логистичка соработка во рамките на НАТО, рече Јернберг.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во своето излагање истакна дека во Алијансата не се членува само заради придобивки и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Ѓурчиновски истакна дека земјава ја поддржала вистинската страна во војната во Украина, и како што рече, тоа го препознала Норвешка.

– Бевме конкретни и јасно детерминирани и се определивме и ја поддржавме вистинската страна во војната. Свесни бевме за одговорностите. Не се членува само заради придобивките и бенефиции, туку заради вредности и принципи. Кралството точно ги воочи нашите заложби, направивме координација со ГШ и со началникот во мојата официјална посета на Норвешка и во седиштето во Брисел и како што беше истакнато ова е голем историски ден за нашите вооружени сили каде што сме сите сведоци и можеме да ги воочиме 76-те возила кои од утре ќе бидат на македонските патишта за потребите на вооружените сили, меѓутоа и за сите граѓани на нашата татковина, истакна Ѓурчиновски. 

Силјановска Давкова победи во 60 општини, Пендаровски во 3, Османи во 15, Таравари и Димитриевски во по една

Гордана Силјановска Давкова, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот прв круг избори за шеф на државата, победи во 60 општини во земјава, кандидатот на СДСМ Стево Пендаовски освои најмногу гласови три, Бујар Османи од ДУИ во 15, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ во по една општина. 

Гордана Силјановска Давковска победи во: Аеродром (51,48 %), Берово (54,92 %), Битола (48,44%), Богданци (49,59 %), Босилево (57,61 %), Брвеница (33,54 %), Бутел (43,91%), Валандово (50,29 %), Василево (60,18 %), Вевчани (56,15 %), Велес (53,57 %), Виница (56,71 %), Гази Баба (53,68 %), Гевгелија (52,62 %), Ѓорче Петров (51,58 %), Градско (64,27 %), Дебарца (57,06 %), Делчево (47, 08 %), Демир Капија (54,77%), Демир Хисар (52,92 %), Дојран (52,58 %), Зелениково (53,35 %), Зрновци (61,15 %), Илинден (62,96 %), Јегуновце (47,49 %), Кавадарци (50,84 %), Карбинци (61,22 %), Карпош (40,82 %), Кисела Вода (57,67 %), Кичево (39,84 %), Конче (57,85 %), Кочани (53,10 %), Кратово (62,84 %), Крива Паланка (47,05 %), Кривогаштани (54,84 %), Лозово (53,09 %), Македонска Каменица (50,96 %), Македонски Брод (55,86 %), Могила (63,48 %), Неготино (49,02 %), Новаци (61,88 %), Ново Село (56,84 %), Охрид (53,89 %), Петровец (59,05 %), Пехчево (53,97 %), Прилеп (51,42 %), Пробиштип (52,03 %), Радовиш (56,34 %), Ранковце (54,34 %), Ресен (47,64 %), Росоман (51,36 %), Свети Николе (57,63 %), Сопиште (49,44 %), Старо Нагоричане (37,59 %), Струмица (47,06 %), Центар (39,98 %), Чашка (32,70 %), Чешиново-Облешево (58,93 %), Чучер Сандево (36,35 %) и во Штип (53,44 %),

Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево (43,02 %), Маврово и Ростуша (44,04 %) и во Центар Жупа (34,95 %).

Бујар Османи победи во: Арачиново (53,51 %), Боговиње (55,33 %), Врапчиште (58,02 %), Дебар (49,88 %), Долнени (32,95 %), Желино (49,45 %), Липково (56,83 %), Пласница (66,91 %), Сарај (55,49 %), Струга (39,38 %), Студеничани (50,54 %), Теарце (41,30 %), Тетово (37,91 %), Чаир (40,65 %), Шуто Оризари (37,11 %)

Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 %), а Максим Димитриевски во Куманово (22,89 %). 

Времето денес со повремени врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.

Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

Популарно