Македонија му се одмазди на Косово!

Македонската кошаркарска репрезентација ја отвори втората претквалификациска фаза за ЕП 2021 со победа и на гостински терен во Приштина со 73-76 (29-34) славеше над домаќинот Косово.

Најдобрите на Давитков се одмаздија за ланскиот пораз во претквалификациите за СП 2019 и направија голем исчекор кон враќање во квалификациската фаза и најдобрите 32 селекции во Европа. Кога беше најпотребно одбраната играше на ниво, а во нападот функционираше и шутот за три, за прва победа во втората фаза. Одлични беа Трајковски и Хендрикс со „дабл-дабл“, а разлика направи и Дамјан Стојановски и неговите пет тројки.

makedonija-kosovo-13.09-4.jpg

Натпреварот во Приштина почна одлично за Македонија. Избраниците на Давитков влегоа во шутерски ритам уште на стартот и со 70% ефикасен шут за три изградија солидна разлика (6-19). Исто така добра беше и одбраната, но потоа следеа брзоплети грешки, кои Косово ги казни со серија од 10-1, по кој се врати неизвесноста по првиот квартал.

На стартот на вториот дел и двете селекции грешеа. За четири минути се постигнаа само шест поени, а и покрај лошиот шутерски ден на Војдан Стојановски, кој имаше реализација 1/9 од поле како и 0/2 од линијата за слободни, разликата се задржа до полувремето (29-34).

По паузата Косово се врати во мечот и се играше неизвесно до самиот финиш. По 34-34, домаќините дојдоа до првото водство од два поена (41-39), но Македонија се врати, дојде до 46-48, а потоа резултатот беше вистинска „клацкалица“ и и двете екипи константно го менуваа водството.

Повеќе од два поени разлика Македонија се одлепи на седум минути пред крајот, кога резултатот гласеше 54-57, благодарение на Соколов, а потоа во одбраната почнаа да царуваат Хендрикс и Трајковски, за Дамјан Стојановски да постигне две тројки во нападот и да донесе 57-64 за нашиот национален тим. Во последните три и пол минути, Македонија влезе со предност од шест поени (63-69), но Косово не се предаде, па на 24 секунди пред крајот се врати во мечот преку најдобриот кошаркар Дардан Бериша и имаше 71-73, а во инфаркт-завршницата поуспешна беше Македонија, со 73-76.

Најдобар поентер кај Македонија беше Бојан Трајковски со 17 поени и 11 скока, додека втор стрелец беше Дамјан Стојановски со пет тројки и вкупно 15 поени. Како трето име заврши Стојан Ѓуроски со 14 поени, а Ричард Хендрикс запиша 10 поени и 12 скока. Кај Косово, најмногу се истакна Дардан Бериша со 32 постигнати поени.

Наредниот меч од втората фаза на претквалификации, Македонија го игра в недела, кога во Скопје гостува вториот ривал Романија.

Лазаров доби нов помошник во репрезентацијата

Поранешниот репрезентативец Стојанче Стоилов ќе биде дел од стручниот штаб на машката репрезентација на Македонија.

Тој и претходно беше дел во неколку наврати од подготовките на националниот тим откако ја заврши репрезентативната кариера, но сега ќе биде во улога на асистент.

Ова е четврти екс репрезентативец кој влегува во стручниот штаб на селекторот Кире Лазаров по Бранко Ангеловски, Ацо Јоновски и Филип Миркуловски.

Машката репрезентација ја очекува двомеч со Фарски Острови за пласман на СП 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка.

Првиот натпревар се игра во Торшавн на 8 мај од 20:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 12 мај од 19:00 часот

ФК Вардар: Историјата ќе памети кој не избрка од Градски

Oд редовите на Вардар денеска преку социјалните мрежи ја информираа јавноста дека клубот до крајот на сезоната своите натпревари ќе ги игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Соопштението кое е објавено на социјалните мрежи на клубот ви го пренесуваме во целост.

„Поради потценувачкиот однос на ПУИГ кон Вардар, нашиот клуб до крајот на оваа сезона нема да настапи на Градскиот стадион во Скопје. И покрај фактот што уредно испративме допис во кој јасно наведовме дека сумата за изнајмување на стадионот ќе ја исплатиме во целост, добивме негативен одговор по однос на нашето барање. Да напоменеме дека покрај се, понудивме и механизам преку кој можевме да постигнеме заеднички договор, но сепак и во однос на тоа бевме категорично одбиени.

Ние ниту го создадовме, ниту го продлабочивме долгот на Вардар, а згора на тоа континуирано се трудиме истиот да го намалиме. Вие, ,,господа” од ПУИГ, денес ја затворивте вратата за најтрофејниот македонски фудбалски колектив и одлучивте да не бидете дел од една искрена приказна која ја создаваме. Никогаш нема да го заборавиме ова и никогаш нема да ви го простиме!

Вашите имиња ќе стојат засекогаш на столбот на срамот, во вашите удобни фотељи никогаш повеќе нема да седнете мирно.

За крај, би сакале да Ви порачаме дека Вардар вам ништо не ви должи. Од денес вие сте тие кои должите. Вашиот понижувачки чин скапо ќе го платите, а Вардар ви ветуваме дека кога-тогаш повторно ќе заигра во својот дом…дом во кој вие никогаш нема да се почувствувате како домаќини!

Вардарци, наши верни навивачи, утре го играме најважниот натпревар. На нашите фудбалери им е потребна поддршка повеќе од било кога. Затоа, масовното присуство на стадионот ,,Борис Трајковски” е неопходно за победа!“,објави Вардар.

Познати се ривалите на Македонија на ЕП 2024

Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе настапи на Европското првенство оваа година. Откако на претходното бевме еден од домаќините, овојпат нашите девојки се пласираа на континенталниот собир преку квалификациите. Македонија ривалките за ова натпреварување ги дочекаа од третиот шешир. 

Европската ракометна федерација ја одржа ждрепката за групната фаза на ова натпреварување во своето седиште во Виена. 

Среќата не посака и Македонија влета во групата А, каде што ќе се натпреварува против Шведска, Унгарија и Турција.

Европскиот шампионат ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември оваа година. Домаќини ќе бидат три градови, швајцарски Базел, австриски Инсбрук и унгарски Дебрецин. Натпреварите од нашата група ќе се играат во Дебрецин во Унгарија.

Популарно