За прв пат Македонец ќе биде пратеник во албанскиот Парламент

Васил Стерјовски, генерален секретар на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ) ќе биде пратеник во албанскиот Парламент.

-По известувањето од Централната изборна комисија на Албанија, Извршниот комитет на МАЕИ донесе одлука Стерјовски да го прифати пратеничкиот мандат и во парламентот да ја претставува програмата на Македонска алијанса за европска интеграција како дел од парламентарната опозиција, соопштија од партијата.

На последните парламентарни избори одржани во јуни 2017 година МАЕИ беше дел од изборната коалиција предводена од Социјалистичкото движење за интеграција. Тогаш лидер на партијата беше Илир Мета, актуелинот претседател на Албанија. Врз основа на договорот Васил Стерјовски беше петти на кандидатската листа за округот Корча.

Стерјовски,на првата седница на албанскиот законодавен дом, најверојатно следниот четврток, ќе седне во собранската сала и ќе даде заклетва.

Тој ќе биде првиот пратеник во албанскиот Парламент во плурална Албанија, кој доаѓа од македонска партија, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира како Македонец.

Васил Стерјовски е познат активист за правата на Македонија во Албанија. Запишан е на докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, на Институтот за национална историја на студиската програма на хуманистички науки, подпрограма Историја на Македонија, со потесна област на истражување Македонците во Албанија.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно