Шпанија е светски шампион

Шпанија е новиот светски кошаркарски владител откако во финалето на Светското првенство во Кина ја победи селекцијата на Аргентина со убедливи 95:75

Се очекуваше многу понеизвесно финале, но Аргентина изгледаше тотално немоќно во битката за златото, како да беа потрошени од претходните средби и емотивно и физички, ништо не функционираше во составот на гаучосите.

За разлика од нив Шпанија покажа доминација, направи разлика уште на самиот почеток и само ја одржуваше предноста, во текот на целиот меч го имаше резултатот под контрола.

Аргентина немаше водство во ниту еден момент од натпреварот, Шпанија ја доби првата четвртина со 23:14, a на одморот се замина со нивна предност од 43:31. Во вториот дел Аргентинците се обидуваа да се вратат во мечот, но ниту еднаш не успеаа да дојдат до едноцифрена негатива, на крајот Шпанија победи со 20 поени разлика, 95:75. Рики Рубио со 20 поени беше најдобриот поединец во Шпанија, Љуљ постигна 15, Гасол 14. За разлика од полуфиналето, денеска Скола имаше очајна партија, даде осум поени со катастрофален шут од поле, еден од десет, убедливо најдобар во составот на Аргентина беше Габриел Дек со 24 поени. И покрај лошата претстава во финалето Аргетнина може да биде горда на освоеното сребро, најголемите честитки одат за Шпанија која е новиот светски шампион. Претходно Франција ја освои бронзата откако во мечот за третото место ја совлада Австралија со 67:59

Се заканувал со автоматска пушка во казино и украл 4000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.

-На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.

На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

Загина 20-годишно момче во сообраќајка кај Новоселани

„На 25.04.2024 во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај с.Новоселани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.М.(20) од с.Браилово-прилепско и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(43) од Скопје“, информира МВР.

Како што соопштија од полицијата, во несреќата на местото на настанот починал М.М., а смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Градската општа болница Прилеп.

Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп. 

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Популарно