Понеделник 9 декември неработен ден за сите граѓани на Македонија

Во понеделник е неработен ден.

Согласно Законот за празниците, 8 декември 2019 година (недела), односно 9 декември 2019 година (понеделник), „Св. Климент Охридски" е неработен ден за сите граѓани на Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Mинистерството за труд и социјална политика во соопштението на граѓаните им го честита празникот „Св.Климент Охридски". 

Од јануари започнува изградба на нова Универзална сала

На големата граѓанска трибина „На прав пат“ во Скопје членот на ИО и градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов најави дека Скопје наскоро ќе добие нова Универзална сала.

И еве овде, сега пред вас кажувам, заедно со Владата обезбедивме средства за конечно да изградиме нова Универзална сала која ќе биде градена согласно сите потребни стандарди за една културна институција, најави Шилегов.

Изградбата на Универзалната сала ќе започне веднаш после Нова година, истакна градоначалникот на Скопје и член на ИО на СДСМ Петре Шилегов на трибината под мотото „На прав пат“ во Скопје.

Шилегов по коментарите за Дино Мерлин: Барем радувајте се на туѓата среќа

Почитувани непочитувачи...гледам дека сте се распишувале за Дино, Винтерленд, колку, што, како ... (при тоа ретко кажувате дека тоа не се наши, буџетски пари, туку спонзорски). А колку чини среќата на Скопјани?

Ова го напиша скопскиот градоначалник Петре Шилегов на Фејсбук.

- Колку чини оваа среќа, љубов, незаборавни моменти на Скопјани ? Моменти што животот го прават убав, полн со сеќавања. А сеќавањата се нешта што стареат со нас, добиваат вредност со нас, со нашите години, со нашите спомени. Радоста и сплотеноста на Скопјани е мноооогу, многу повредна од Вашата црна кампања. Ваш е изборот. Искрено се надевам дека ќе најдете сила да ја пронајдете и поубавата страна од животот. Дотогаш, барем радувајте се на туѓата среќа. Така полесно ќа ја најдете и сопствената, напиша тој.

Почна распитот на осомничените за Меѓународен сојуз на Боки 13

Потпретседателката на Меѓународниот сојуз на Боки 13, Јасна Мандиќ е првата од осомничените кои неделава ќе даваат исказ за случајот.

Мандиќ која е во куќен притвор, во зградата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше донесена со полиција.

Според истрагата која се води, таа е осомничена за помагање при извршување на кривичното дело „перење пари".

Во случајот Меѓународен сојуз осомничени се уште Бојан Јовановски, Неговиот татко Миле, Христина Блажевска и Потпретседателката на собранието Фросина Ременски.

Во истрагата е утврдено дека Јовановски во текот на 2017 и 2018 година ги измамил двајцата бизнисмени, Сиљан Мицевски и Ардијан Амзоски, од кои зел 730 односно 230 илјади евра. 

Останатите осомничени му помагале на Јовановски изготвувајќи договори и подигајќи ги уплатените пари кои потоа ги уплаќале на сметки на други фирми како позајмици или донации со цел да се сокрие трагата.

Инаку во обвинителството денеска е и Ременски која го продолжи увидот во доказите, пренесува Сител.

Популарно