ЦУК: Два пожара на отворено во последното деноноќие

Во последното деноноќие регистрирани се два пожара на отворено. Пожарникарите од ТППЕ Валандово вчера од 12.45 до 15.45 часот гаснале запалена депонија во валандовското село Јосифово. Пожарникарите од ТППЕ Свети Николе вчера од 13.25 до 17.35 часот гаснале запалена ниска вегетација во близина на село Преод во Општина Свети Николе.

Како што информираат утрово од Центарот за управување со кризи, двете интервенции биле извршени со екипи од по тројца пожарникари и едно противпожарно возило.

Во изминатото деноноќие имало една помала интервенција на запален оџак на улица „Младинска“ бр. 236 во Струмица.

Согласно препораките на пожарникарите, оџаците е потребно редовно да се чистат. ЦУК апелира да не се пали вегетација на отворено, редовно да се чистат локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.

Во последното деноноќие имало вкупно 1 853 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 46,52, а 53,48 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 70,44 отсто, кон итната медицинска помош 26,32, а кон пожарникарите 2,43 отсто од реалните повици кон 112.

Се заканувал со автоматска пушка во казино и украл 4000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.

-На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.

На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

Загина 20-годишно момче во сообраќајка кај Новоселани

„На 25.04.2024 во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај с.Новоселани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.М.(20) од с.Браилово-прилепско и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(43) од Скопје“, информира МВР.

Како што соопштија од полицијата, во несреќата на местото на настанот починал М.М., а смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Градската општа болница Прилеп.

Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп. 

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Популарно