Потрагата по двегодишната Данка трае четврти ден, од девојчето ниту трага ниту глас

Потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ од околината на Бор се уште трае.

Денеска два специјалистички тимови со кучиња спасувачи обучени и тренирани да бараат и спасуваат луѓе од урнатините и на отворено започнаа со детално пребарување на просторот околу куќата, пред која исчезна девојчето.

Вчера земјиштето околу куќата на исчезнатото девојче беше расчистено со багер за да се провери дали има докази под гранките кои би помогнале во потрагата.

Во близина на Хаџиќи во Босна и Херцеговина се уапсени три лица кои тврдеа дека имаат информации за исчезната Данка, за што барале пари, но во полицијата изјавиле дека „само се шегувале“.

Двегодишната Данка е пријавена за исчезната од нејзината мајка во вторникот. Оттогаш трае потрагата во кој се вклучени стотици припадници на полицијата, жандармеријата, добровилци.

Беа ангажирани и беспилотни летала, со термални камери, како и хеликоптери.

Иако полицијата во средата соопшти дека потрагата на терен се прекинува, бидејќи сè укажува дека девојчето не е во областа од која исчезна, полициските сили и спасувачките екипи се сеуште на терен. Во тек е интензивна оперативна работа.

Директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца Игор Јуриќ изјави дека во случајот со исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ сомнителни се сите околности кои довеле до ова исчезнување, како и контрадикторните изјави на луѓе блиски до девојчето, бидејќи на почетокот беше тешко да се поверува дека двегодишното девојче може да оди толку далеку што ниту полицијата која многу брзо дојде на местото на настанот не можеше да ја најде.

-Сега, со оглед на времето, единствената надеж што ја гледам е дека некој може да се јави со барање за откуп, тоа можеби да е некаква можност да го видиме ова мало девојче живо и некое евентуално чудо. Верувам во чуда, имам и имам надеж, но стравот е и кај мене и то се зголемува како и кај голем број граѓани, оцени Јуриќ.

Според медиумите клучна работа во потрагата ќе биде полиграфот на такото на девојчето, додека мајката не може да оди на полиграф оти е бремена.

Во Бањско поле синоќа, како и денеска е министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ. 

Се заканувал со автоматска пушка во казино и украл 4000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.

-На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.

На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

Загина 20-годишно момче во сообраќајка кај Новоселани

„На 25.04.2024 во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај с.Новоселани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.М.(20) од с.Браилово-прилепско и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(43) од Скопје“, информира МВР.

Како што соопштија од полицијата, во несреќата на местото на настанот починал М.М., а смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Градската општа болница Прилеп.

Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп. 

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Популарно