ДСЗИ најави забрана на Клиниката за токсикологија за здравствени работници без договори за вработување

Поради делумно постапување по решението со опомена на ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија во Скопје според закон и понатамошното евидентирано присуство на оваа клиника на здравствени работници и здравствени соработници без договори за вработување, ќе биде издадено решение за забрана на нивно присуство, согласно законските правила, информираше денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска.

На 30 април, извршен бил контролен инспекциски надзор на оваа клиника, по изминати рокови за постапување од наложените мерки со решение издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април.

Имало увид во документи од страна на медицинскиот директор и организацискиот директор и исписот од електронскиот систем за евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите, односно присуство во просториите на јавните здравствени установи во периодот по приемот на решението, од 19 април до денот на контролниот инспекциски надзор 30 април.

Единаесет здравствени работници и соработници во решението од ДСЗИ кои биле без никаков договор за вработување,  откако договорите им истекле на 31 декември лани и понатаму се евидентирале во електронскиот систем за евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите. Со евиденцијата на присуство во просториите на јавните здравствени установи не било постапено по точка 1 од решението.

Постапено било само по точка 4 - медицинскиот директор на Клиниката побарал од претседателот на УО да свика состанок, тој ги поканил членовите и денеска била закажана седница, а според добиените информации, морало да се постапува по решението издадено од страна на ДСЗИ.

- Првото решение беше решение за опомена, ова сега ќе биде решение за забрана. Доколку не ја почитуваат забраната ќе одиме со казни. Казните треба да ги провериме во Законот колку изнесуваат, тие ќе бидат секако парични казни коишто ќе се однесуваат и на медицинскиот и на организацискиот директор и на установата, појасни Младеновска, одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот за здравство Илир Демири на 22 април на прес-конференција најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петровски. Тој рече дека пред извесен период бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано, 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.

Демири посочи дека тој ден потпишал решение со кое бара длабоко истражување од надлежните институции во врска со вработувањата во јавното здравство.

Истиот ден, претходно, лекари алармираа за хаос што се случува на Токсикологија, особено, како што рекоа, откако била назначена организациската директорка. 

Доктор Нико Беќаровски тогаш истакна дека Клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациска директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.

Во неколку наврати, додаде, било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира.

- Од директорката се инсистира да бидат примени сите 18, кои претходно беа примени со договор на дело, а на кои им истече договорот. Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања, рече тој.

На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18-те лица за кои директорката Бесија Иљази барала да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборант да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.

Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик. Тој рече дека имал обиди со неа да разговара на англиски. Комуникацијата, додаде Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 лица, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.

Организациската директорка на клиниката даде изјава за медиуми истиот ден, но, само на албански јазик.

На прашањето зошто организациската директорка на Токсикологија не даде изјава на македонски јазик, туку само на албански, додека новинарите беа на Клиниката за токсикологија, министерот кажа дека самиот рекол да не се даваат изјави.

- Оти ако ме забележувате, колку сум воздржан во тоа што го кажувам. Ако има потреба, ќе даде и со преведувачи, одговори Демири на новинарско прашање.

На 26 април, прашан за болничарот кој требало да биде суспендиран, Демири рече дека голема неправда е направена на Токсикологија, затоа што не е обезбедена согласност од страна на менаџментот за обезбедување на договорите за работа за 18-те вработени кои четири месеци работат во Клиниката, а не добиваат економски надомест.

- Јас кажав тоа што имам забележано и за што имам факти и тоа е изјава дадена во јавноста, меѓутоа сме во предизборие, во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниедна законска процедура. Чекам да дојде извештајот на инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на пет дена менаџментот на институцијава да најде решение за 18-те луѓе кои се вработени таму, кои работат, а не добиваат економски надомест, изјави Демири.

Рече дека не се точни наводите дека економската директорка доаѓала на работа четири часа.

- Според моите сознанија, економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката. Проверено е, рече Демири. 

Ново задолжување од 35 милиони евра

Од денес може да се каже дека должиме нови 35 милиони евра откако на официјалниот пазар на Македонската Берза веќе котираат државните обрзници издадени минатата недела.

Станува збор за две обврзници со рок на доспевање за две односно 15 години со вкупна вредност од 34,8 милиони евра.

За двегодишните обврзници Владата плаќа камата од 3,85% додека за 15 годишните 5,6%.

Во беровската полиција однесено неексплодирано убојно средство

Регионалниот центар за управување со кризи - Штип денеска информира дека вчера во 12.30 часот во полициската станица во Берово било однесено неексплодирано убојно средство, за кое се претпоставува оти потекнува од Првата светска војна. Веднаш било преземено од страна на пиротехничар од ДЗС - Берово за негово уништување, појаснуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Ваквата постапка можеби изгледа правилна, но тоа е само делумно, зашто е контактирано со Полицијата и сепак од безбедносен аспект, е несоодветна. Граѓаните заради своја безбедност и на околината околу нив, треба да постапуваат согласно безбедносните препораки при вакви случаи. Кога ќе пронајдат какви било неексплодирани убојни средства или остатоци од минатите војни, препорака до граѓаните е да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на 112 во ЦУК. Ќе се постапува според стандардните оперативни процедури за вакви случаи од страна на професионалци  - пиротехничари, безбедно за нив и за сите во нивната околина, апелираат од ЦУК.

Изминатите 24 часа немало пожари на отворено. Во 13.10 часот, преку 112 во ЦУК била добиена пријава за насобрани ѓубре и гранки под мостот на реката Вардар кај селата Јурумлери и Долно Лисиче. Веднаш било известено Јавното претпријатие „Водостопантсво“- Скопје за понатамошна постапка.

- Преку 112 во ЦУК се добиени повеќе пријави за паднати електрични и други кабли на различни локации на градот Скопје. За сите поединечни случаи, со точна локација за истите, се известени „ЕВН Македонија“ и операторите коишто кабелски поврзуваат, за понатамошна постапка, по што нивни екипи биле испратени на терен да интервенираат, појаснуваат од ЦУК.

Вкупно 1.561 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК се евидентирани изминатото деноноќие. Од нив, „реални“ - 59,77 отсто, а 40,23 проценти за други потреби на граѓаните, што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 72,18 отсто, кон Итната медицинска помош - 23,31 проценти, а кон пожарникарите - 0,75 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Повторно одложен судскиот процес за Пендиков

Не се одржа денешното рочиште од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води во врска со физичкиот напад врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.

Причина за тоа беше напојавувањето на двајца сведоци на Обвинителството, уредно поканети за денешното рочиште.

Според кажаното во судницата, причина за нивното непојавување било што биле на неодложно деловно патување, на што судијата Бојан Мартиновски што го води процесот реагираше со најава дека ќе побара нивно приведување и стражарно спроведување за наредното рочиште.

Стефан Камишевски, застапникот на оштетениот оцени дека непојавувањето на сведоците е несериозно, притоа забележувајќи дека ваквите појави укажуват дека потфрлаат институциите.

- Секое нефункционирање на било кој државен орган претставува повреда на нашит права како граѓани, во било каква постапка. Тоа доведува до непотребни одлагања, рече Камишевски.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, од своја страна рече дека недоаѓањето на сведоците е неспроведување на законските одредби од страна на полицијата.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Наредното рочиште од преоцесот е закажано за 12 јуни.

Популарно