Боли поразот од Тунис, но повеќе болат солзите на нашите херои!

09.04.2016 година ќе биде запишан со огромни црни букви во македонската ракометна историја. Ден на кој на секој искрен љубител на ракометот, на секој Македонец му се скрши срцето! Солзи и гнев во очите на сите верни подржувачи на ракометарите. За прв пат „Фалангата“ со свирежи ги испрати Лазаров и другарите во соблекувалните.

Untitled

Ќе ве излажам ако речам дека и јас не бев лут, гневен на оние на кои „Срце на терен“ беше одлика, а вчера не видов ни срце, ни терен. Не ме здоболе толку поразот, колку односот. Немаше маж да потегне, да се развика, да тропне на земја, да потегне... Дека сум во право докажаа подоцна изјавите на Стоилов и Миркуловски. И тие вината ја најдоа во недостиг на тестостерон на теренот. Многу лично го доживеав овој пораз. Како јас да требаше да одам во Рио во црвено-жолт дрес, а дечките на терен да ми ја искинаа картата. Ми се сруши желба за ракомет, за спорт, е чувствував издаден, предаден. Во тој елемент ги дочекав изјавите на Борко Ристовски и Кире Лазаров... и тогаш видов што е болка. Кога мажиште како Кире плаче пред камера, кога Борко не може да ги скрие солзите. Во солзи се извинуваат и молат за прошка. Кога голманот повикува на единство, на подршка... тоа ти ја шири перспекивата. Болката од поразот остана, но кога овие мажишта плачат и мене ме болат нивните солзи. Дечките кои имаат направено повеќе од илијадници како мене за Македонија срушени и со наведнати глави немаа храброст да ја погледнат камерата. Заборавив на Тунис, на Рио, на сите порази и нервози кои ракометарите ми ги приредиле. Ми текна дека пред нив Македонија не можеше да се пласира на ниедно големо натпреварување. Ми текна на одбранетиот пенал во последна секунда во Португалија. Ми текна на победата над Исланд и светското во Хрватска. На ЕП во Србија и 100.000 ГОРДИ Македонци на плоштад. На 9то место во свет во Катар! Ми текна дека токму тие се „виновни“ за популаризацијата на ракометот во Македонија и за секој нов талентиран млад ракометар. Ми текна колку пати направиле да сум горд што сум Македонец, а сега тие засрамени бараат прошка од мене, бараат прошка од нас?!

10.04.2016 година е всушност далеку потежок ден за македонскиот ракомет. Десети Април е денот кога Македонија во неважен натпревар го победи Чиле и за последен пат го виде Наум Мојсовски во црвено-жолтиот дрес. Го виде јунакот од Струга како плаче! „Многу е тешко“, рече Наумче и ги избриша очите. И тој како и другарите од репрезентацијата, засрамен си заминува од Полска и од македонската репрезентација. Момчето што 19 години го потеше македонскиот дрес, до последен здив, до последен атом на силите, сега плаче пред нас. И тој бара прошка и жали за крајот на својата репрезентативна кариера. Жали што не ја однесе Македонија на ОИ.

Во ред е да жалиме за пропуштената Олимпијада во Рио. Во ред е да ни е криво што изгоревме во желба. Но, НИКАКО не смееме да се свртиме против најголемите Македонци во спортската историја на Македонија. Во Јуни заминува и Миркуловски, а блиску до таков потег се уште неколку ракометари од оваа најуспешна македонска репрезентација. Се надевам дека дел од нив ќе се предомислат и ќе останат доволно долго за младите кои доаѓаат да научат како се носи македонскиот дрес, како се бранат боите на Македонија. Се надевам дека и генерацијата во доаѓање, на Костевски, Тасевски, Неловски, Маџовски, Кузмановски... ќе ни донесе многу радост и тага. Затоа што радоста и тагата секогаш одат заедно. Се надевам дека и тие ќе не направат горди Македонци. Ќе го разбудат она патриотското во нас. Кога веење знаме е знак на почит, знак на љубов, на единство.

За Мојсоски и оние кои ќе му се придружат во репрезентативна пензија, но и за оние кои остануваат во репрезентацијата, а беа актери во болниот пораз од Тунис, ГЛАВАТА ГОРЕ момци!!! Секој има лош ден. Секој од нас доживеал тежок удар и неуспех. Но, ретки се оние кои можат да се пофалат со она што вие сте го направиле за Македонија! Тешки се вашите солзи, потешки од било кој пораз. Болат повеќе од пропуштената шанса и ОИ во Рио. Ќе има и други олимпијади и други шанси, но нема друг Мојсовски, Лазаров, Ристовски.... Затоа, ФАЛА ВИ ЗА СЕ и се гледаме во Јуни против Чешка!

Автор: Пацифист

Колку милиони долари „лапна“ Бубо Каров за да стане советник на министерот?

Живееме во свет во кој дефинициите го изгубија своето значење. Зборовите се менуваат со нови, „поубави“, позвучни... Се се менува онака како што на некој му одговара. Некој кој има доволно моќ да го менува системот во своја корист. Ние малите, сеуште ќе си ги помниме дефинициите и ќе си ги раскажуваме. Еве една...

Дефиниција за ХИПОКРИТ:

Лице кое глуми дека поседува доблести, морални или религиозни убедувања, принципи, итн., Кои тој или таа не ги поседува, особено лице чии дејства ги газат истите принципи кои глуми поседува.

Ако на ова се додаде и дека истата таа личност им суди на оние кои се однесуваат како него, се добива.... Бубо Каров.

20 и кусур години му се дивев на човеков. Има тој многу подолга кариера од тоа, но јас бев дете, а го запознав преку К15. Нема човек во Македонија кој не го знае Цацко. НЕМА! И не само што го знае, туку и сака. Да, иако фиктивен лик Цацко е во срцето на сите Македонци. И во моето. Но, Бубо Каров не е Цацко. Тоа било само глума.

Кога пред неколку години Бубо застана на барикадите и глумеше револуционер, немав ништо против него. Во ред. Си има човекот политичко убедување. Си има став и решил да го каже. Сосема легитимно право, на секој од нас, уште повеќе на јавните личности. Посебно оние кои 20тина години ја критикуваа секоја власт.

Немав ништо против Бубо и кога се појави како гостин кај Борјан и во своето гостување критикуваше новинари кои толку се промениле што тој не може да ги препознае. Рече дека нему не му е во крв да се однесува како нив. Дека не сака политика и дека нема да влезе во партија.  Рече дека му понудиле 5 милиони долари да влезе во „една“ политичка партија, но дека одбил и дека ич не му е криво... Секако за сето ова не понуди никаков доказ, но....

Пред неколку дена Бубо влезе во политика. Стана советник на министер без ресор! Ги погази своите зборови. Зошто? Ако навистина некој му понудил 5 милиони долари а тој без каење одбил, зошто сега влезе во политика? За 6? 8? 12? За колку?

На крајот од видеото Бубо „чесен пред себе“: Што ќе им кажам јас на децата кога ќе си појдам дома? Не знам Бубо, што им кажа? Други се овие пари? Повеќе? Позелени?

Жалосно е кога еден успешен човек, кој е сакан од народот, во зрела возраст се што градел во животот како јавна личност ќе продаде за да биде советник на министер. Оној кој треба да биде пример за сите млади, а не само за своите деца, се продаде себе и си ја смени крвта. Можеби не за милиони, не знам, но факт е дека Бубу повеќе не е Цацко. 

Автор: Пацифист

Ние сме за доброседство, ама не не канат!

Обично не пишувам во ова време од денот. Обично не пишувам во овој стил, но секогаш има исклучоци. Нешто што со години се обидувам да им објаснам на луѓето. Не, не сме сите исти... Има исти и има некои ретки, различни, несфатени ....

И покрај тоа што веќе напишав неколку реда сеуште не ми е баш јасно што точно сакам да ви кажам со текстов или дали ќе ме разберете. Музиква што ми рока на 100% на звучки ваљда ќе ме понесе....

Деновиве и неделиве наназад се почесто читам текстови на паметни и успешни луѓе кои се откажуваат од системот и државата во дефиниција која ја познаваме и  која функционира тука на ова мало и секогаш запалено место од Европа. Од друга страна, на Фејсбук сеуште читам постови на победените и победниците во моменталната политичка состојба во Македонија. Едните јаделе бизони, другите нарачале морски плодови. Едните купиле мерцедес, другиве го ругале, ама сега се возат у него... Едниве биле автократи, другиве шарале згради за сега да се вработат у истите.... Момци и девојки, ИСТИ СТЕ!!!! Мизерни, истрошени полу луѓе! Не, нема разлика меѓу вас! Ама ич! Ок? Крадеа и се гоштеваа едните, сега вие од другата страна сте на ред! Разбирам. Гладни сте. Мама и тато како мали не ви пружија доволно љубов, па сега таа дупка ќе ја полните со јавни функции и дебели плати. Во ред. Некои од новинари станаа политичари. Други од шарени, пратеници. Од твитерџии, службеници. Во ред. Сега може да прекинете со глума. ДОСТА Е! Веќе видено. Груевски ја глумеше Тимошенко, шарените глумеа „обоена револуција“, а ние одглумивме Украина за сиромашни! Т.е. Украина за плашливи.

Викендов Србија, Грција и Бугарија си догворија самит, ама ние не сме поканети, а Заев и другарчињата ни зборат за „договор за добрососедство со Бугарија“ кој нема да ни го покажат на нас обичните граѓани, пред да го презенитираат на затвотворена седница во собранието! Па кој тоа дозволи затворена седница на парламентот? Која е логиката на тоа? Луѓе кои ние сме ги избрале заседаваат во тајност од нас додека решаваат за нас?!!! И тоа на барање на премиерот кој нонстоп збори за транспарентност! Медиумите кои ја љубат оваа власт пишуваат за „министерство за вистина“, ама си молчат за добрососедскиот договор со Блгарија. Пишуваат за тоа што јаделе екс министрите на ДПМНЕ, ама кога Села ќе каже дека Албанците се мнозински народ во Македонија, МОЛК!!!

Пред некој месец слушнав дека најкратката дефиниција на новинарството е критика на власта. Смешно е што сега новинарите кои ми ја дадоа таа дефиниција цела своја енергија ја трошат да го критикуваат Груевски. Не дека лидерот на ДПМНЕ не заслужил критики, ама не е на власт! Јасно ли е ова? Ви кажа ли некој дека Груевски не е повеќе премиер? Ова прашање и до ДПМНЕ и медиумите од тој систем.

50% од младите во државава својата иднина не ја гледаат тука и веднаш би си заминале, а медиумите се исполнети со вести за смена на Жугиќ и слични ликови. Абе ова вие сериозно? И викате боље ќе биде? Пошо, нели Жугиќ беше проблемот! Па таа сега ќе тужела... Ау! Ете сега 52% сакаат да се селат! Следно?

Автопатот не чинел пошо го граделе Кинези. А Кинезите, како што ние познато, се фалш! Да чинел автопатот ќе го граделе европејци. Европејци потпишаа да го градат клинички, ама не чинело и тоа, пошо... Е добро де сеа, се ли мора да има причина? Битно е да не е од ДПМНЕ. Сега СДСМ ќе ни изгради диспразирани клиники, ко ДПМНЕ што ни изгради клинички центар, па ќе си бираме каде да не се лечиме... Лечење секако ни треба.

Колку би сакал да напишам дека оние 100, 200, 500, неколку илјади најиспрани членови на СДСМ  и ДПМНЕ се проблемот, но на 15 Октомври (или кога и да е) ќе има локални избори и речиси сите кои го читате текстов ќе појдете до гласачката кутија и ќе заокружите една од овие опции. Ете до таму сме. Тоа ме боли. Не Груевски и Заев. Не ме болеа ниту Љубчо и Црвенковски, Киро, Фрчко, Новевски итн.... вие ме сте ми болката. Вие што сеуште ги гласате, а мизерувате. Плачете за подобро утре, а се молите на измислени богови. Браните криминалци, педофили, црпнати, мафијаши... за вас ми е и за мене со вас....

Музиква што ми рока на 100% на звучки веќе се троши, а јас само го повторувам она што сум го напишал толку многу пати... До следно читање. Пацифист!

Боки13: Родител или шоумен желен за слава?

Осми Јули 2017 година, Бојан Јовановски од говорницата на Меѓународниот сојуз објави дека сака да посвои три дечиња. Муслиманче, Христијанче и дете со пречки во развојот. Се почна така...

Боки 13, некогаш шоумен, водител, пејач, учесник во реалното шоу „Големиот брат“, денеска претседател на Меѓународниот сојуз. Живот полн со контроверзи, фанови, но и многу хејтери. И овој негов потег помина исто. Обожуван од едните, мразен, навредуван, исмејуван од другите...

337 коментари собра статусот на Боки13 на неговиот Фејсбук профил, преку кој објави дека сака да посвои три дечиња. Над 6.000 лајка, но и многу критики и навреди. Демократија, нели? Најчесто поставувано прашање беше како тоа ќе се определи кое дете која вероисповед е, па Бојан го промени статусот. Место религија, сега стои националност. Хмммм

Коментарите продолжија, Бојан дури и гостуваше на ТВ за синоќа да се откаже од идејата за посвојување дечиња, барем засега, но да понуди помош за некое семејство што сака да посвои дете/деца.

„Поконкретно, лично сум подготвен на таквото семејство кое ќе изврши посвојување да му ги покривам сите финансиски трошоци поврзани со одгледување, прехранување, школување и сите други трошоци кои би произлелге од одгледувањето 

на детето или децата, од моментот на посвојувањето се до навршувањето на полнолетство.

По навршувањето на 18 години на посвеото дете или деца, заеднички со нив сум подготвен и се обврзувам да партиципирам со подмирување на трошоци за универзитетско образование или обезбедување на вработување, зависно од преференците на детето или децата. “

И повторно истата реакција. Оние кои го сакаат, го поздравија овој потег. Оние кои не го сакаат, му се ситат и дополнително го критикуваат.

Реалноста е дека Боки 13 им помогна на многу луѓе кои беа на работ во последниве неколку години. Исто како што е реалност, дека беше критикуван дека истото го прави за своја промоција, односно реклама. И овој пат неговиот потег, желба, изјава, наликуваат на такво нешто. Оние кои го знаат Боки13 и го сакаат ќе речат дека тој е голем човек и дека би бил одличен (ќе биде одличен) родител, намерно превидувајќи го фактот дека Боки13 „најважната своја животна одлука“ ја осмисли многу лошо. Ако ова навистина беше неговата најголема животна одлука, како што сам изјави, како тоа најпрво посака дечиња од различна вероисповед, за потоа кога му беше сугерирано дека децата немаат религија, да го промени статусот и желбата за дечиња со различна националност?! Зарем вака се носи најважната животна одлука на човек кој сака да посвои не едно туку три дечиња? Ова ли е карактеристика на иден одличен родител? Освен тоа, обидот да се прикаже како либерален лик, со тоа што ќе посвои дечиња од различна вера или нација, го прави дискриминатор. Тој со таа изјави самиот ги подели дечињата по нација, вера, па дури и по ментален развој! Замислете да влезете во дом во Америка и да побарате да посвоите дете, ама да мора да биде белец. Или црнец, христијанин, протестант, будист, муслиман, Кинез.... Кога ги делите дечињата по било кој основ, вие сте дискриминатор.

Во општество кое е исполнето со стереотипи, а ова Боки13 треба најдобро да го знае, ваквата негова изјава, негов потег е апсолутно за осудување. Колку и да е фин како човек. На колку луѓе и да им погнал. Човекот кој цел живот се бори за прифаќање на индивидуалните разлики кај секого, при носењето на најважната животна одлука се посрами. Затоа и ја повлече.

Би сакал да верувам дека сето ова не беше маркетинг, не беше реклама. Исто како што сакам да верувам дека сите оние луѓе на кои им помогна, не беа само пиони во неговата игра. Сакам да им верувам на сите оние кои го фалат дека Бојан е голем човек со големо срце, а не личност зависна од внимание, од слава. Овој потег не ме убеди во тоа и затоа сум среќен што го повлече. Понуди помош (иако пак јавно) до семејствата кои сакаат да посвојат дете. Можеби тоа е и најпозитивниот можен крај на оваа приказна, бидејќи е очигледно дека Боки13 засега  не е спремен да биде родител. 

Автор: Пацифист

Популарно