Според Законот за облигационите односи со застареноста престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската. Обврската може да потекнува oд договорен однос, од еднострана изјава на волја, од причинување на штета, од стекнување без основ или од работоводство без налог, а може според својата содржина да се однесува на одредено давање, сторување, несторување или трпење.
Застареноста настапува кога ќе истече определеното време со закон во кое доверителот можел да бара исполнување на обврската. Значи со застареноста по истекот на определеното време се губи правото да се бара присилно извршување на обврската. Всушност може да се побара судот да го задолжи должникот да ја исполни својата обврска, меѓутоа ако должникот приговои дека барањето е застарено, во тој случај судот ќе го одбие тужбеното барање. Од ова може да се заклучи дека судот не внимава на застареноста по службена должност односно истата ќе ја земи во предвид при одлучувањето само во случај кога од страна на должникот е истакнат приговор за застареност. Приговорот за застареност служи како еден вид одбрамбено правно средство. Доколку не поднесете приговор за застареност, судот ќе донесе одлука, со која ќе го прифати тужбеното барање на доверителот за намирување на неговото побарување по судски пат – пишува Правдико.