Колку Македонци има во Германија?

Иако засега вратите на земјите од ЕУ се затворени за македонските граѓани, сепак голем е бројот на македонски државјани кои се отселиле, а најголем дел од нив се во Германија.

Од агенциите за посредување при вработување објаснуваат дека организираноста и перспективноста на оваа земја привлекува доселеници. Земјата е атрактивна за многу народи, па и за Македонците.

„На луѓето им се допаѓа како функционира системот во Германија, затоа што не се задоволни како ние овде функционираме. Дури потоа како фактор може да ги наведеме платите. Луѓето се селат за да обезбедат подобар иднина на своите деца. Има апликанти и млади и повозрасни кои се навистина упорни, го учат јазикот, со цел да си заминат во Германија“, велат од скопска агенција за посредување при вработување.

Европската статистичка служба Евростат неодамна објави колку Македонци живеат во Германија. 

На први јануари 2019 година во Германија се регистрирани 102.052 македонски државјани. Бројките покажуваат дека од година во година се зголемува бројот на Македонци во Германија.

Ако се вратиме наназад, во периодот од 2009 до 2014 година, повеќе од 20.000 македонски граѓани ја напуштиле својата земја и се иселиле во Германија, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика.

Бројката на македонските државјани во Германија бележи постојат раст од 2007 година наваму кога биле пријавени 62.474. Меѓу 2007 и 2009 година бројката се зголемила за едвај нешто повеќе од 400 луѓе, на вкупно 62.900 пријавени македонски државјани.

Веќе во 2010 година биле заведени три илјади нови Македонци, во 2012 бројката се зголемила за речиси 10.000 и достигнала околу 73.000. Конечниот број на македонски државјани кои се пријавени и имаат документи во некоја германска општина во 2014 година достигнал скоро 84.000 луѓе.

Бројките на Евростат покажуваат дека во Швајцарија во истиот период лани имало 66.629 наши државјани. Зад неа е Италија, каде што се регистрирани 63.561 македонски државјани. Во Австрија има 23.372 и во Словенија 12.329 македонски државјани. 

Но, најмалку македонски државјани во ЕУ има во Литванија (само четворица), Латвија (12) и Естонија (17 лица).

Коментари

Популарно