Мајката на Андрије Чикиќ, момчето кое лани во мај го уби Коста Кецмановиќ во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, даде интервју за ТВ Прва.
Сузана Станковиќ Чикиќ во својата исповед зборуваше за нејзината потрага по смисла по трагедијата што ја доживеа. Немам повеќе деца и се обидувам да најдам начин и причина зошто постојам на овој свет по трагедијата“, рекла мајката, пренесува Блиц.
„Човек бара причина зошто дише, зошто живее. Немам повеќе деца и се обидувам да најдам причина. Не можам да го вратам син ми, но ќе направам се да не настрада и друго дете“, рече Сузана.
Мајката на убиеното момче зборуваше за прашањето за одговорноста во случајот со масакрот во белградското училиште.
„Како е можно никој да не одговара за 10 изгубени животи?! Мора под итно да промениме нешто во нашиот систем за да не се повтори тоа“, рече Чикиќ.
Таа се залага за промени кои ќе спречат слични трагедии, нагласувајќи ја важноста на натпреварот што го носи името на нејзиниот син Андрија Чикиќ. Нејзината борба за правда и одговорност е длабоко поврзана со болката што ја носи.
„Свесни сме дека насилството стана премногу присутно во нашето општество. Ми се чини дека по трагедијата насилството ескалира, кога малолетниците сфатија дека не се одговорни. Мислам дека намалувањето на старосната граница на кривична одговорност на 12 години би било корисно. Малолетниците треба да бидат свесни за последицата од нивните постапки. Мислам дека родителите во голема мера се одговорни за тоа што се случи. Како е можно никој да не забележал дека детето има проблеми? Сега после трагедијата слушам од некои негови врсници дека бил чуден. Децата велат дека немал израз на лицето, се забележувало. Како е можно возрасните да не го забележале тоа?“, прашува мајката на убиениот ученик.
Чикиќ посочува дека многу се зборува за правата на децата, но не и за одговорноста.
„Правата водат до одговорност. Верувам дека само со текот на времето ќе сфатиме како функционирало тоа семејство и како тоа родителско однесување влијаело на децата“, изјави Чикиќ за ТВ Прва.