Три кривични пријави против градоначалникот на Неготино

Си ја ослободил од комуналии вредни 30 илјади евра фирмата во која бил еден од газдите. Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов заработи три кривични пријави за злоупотреба на службената положба. Му ги поднесе полицијата која јавно не сакаше да го открие неговиот идентитет.

„Полициската станица од Неготино има поднесено три кривични пријави против лицето В.А. на 54 годишна возраст од Неготино поради основано сомневање дека сторил  кривично дело по член 353 од кривичниот закон на Република Македонија, член кој се однесува на  злоупотреба на службена должност и овластување“, рече Верољуб Додевски – портпарол на СВР Велес.

Апостолов бил еден од сопствениците на фирмата Рудуна енергија од Кавадарци, која барала од општина Неготино да ја ослободи од комуналии при изградба на електроцентрала. И покрај судирот на интереси, Советот на општината донела одлука во корист на фирмата, со што го оштетила буџетот за 30 илјади евра. Покрај ова, Апостолов е осомничен уште и дека без тендер одобрил речиси осум илјади евра на локален веб портал, но и дека, спротивно на законот, поставил в.д. директор во основно училиште. Градоначалникот Апостолов е изненаден од кривичните пријави и негира дека сторил нешто незаконски.

„Ова е чисто монтирана политичка хајка против мене и функционери на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи поднесени се три кривични пријави кои за многу правници, а и за други луѓе изгледаат доста смешно Општина Неготино не може да овозможи изградба на инфраструктура, бидејќи е поскапа многу кратно, можеби дваесет и педесет пати отколку средствата кои се определени  за комуналии.  Самата инвестиција се гради за многу побрзо време отколку да општината прибере средства и изгради комунална инфраструктура и според мене апсурдно е тоа“, рече Ванчо Апостолов – градоначалник на Неготино.

Минатата недела полицијата поднесе кривична пријава против велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, кого го товари дека ја злоупотребил службената положба.

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот ширум светот

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот ширум светот.

Овој ден се одбележува во светот во знак на сеќавање на тој датум во 1886 година, кога работниците во Чикаго со штрајкови и протести ја започнаа својата борба за осумчасовен работен ден.

На првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година, беше одлучено следната година да се одржи голема манифестација со која ќе биде прославен 1 мај, како знак на сеќавање на протестите во Чикаго и како форма на борба за работничките права.

На вториот конгрес на Работничката интернационала е одлучено од 1890 година на 1 мај ширум светот да се одржуваат манифестации, демонстрации и штрајкови.

Вметнувани страници во пасош, приведен швеѓанин на Табановце

Денеска (01.05.2024) во 01.15 часот на Граничниот премин Табановце бил лишен од слобода Г.Ј.Ј.М.(27) од Шведска, поради тоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека во неговата патна исправа недостасувале страници, а исто така во неа биле и вметнувани страници од друга патна исправа.

Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

Меѓународниот ден на трудот ќе се одбележи со првомајски протест

Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, се дел од барањата што денеска Сојузот на синдикати ќе ги испорача на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот. 

Синдикатот бара и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.

Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.

- Неколку години наназад протестите станаа заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на практиката карактеристична за изминатиот период, а тоа е дека нашите социјални партнери, работодавачите и претставниците на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот, туку единствено и исклучиво работат за своите интереси. Сведоци сме дека додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот или воопшто не се зголемуваат, функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78 проценти, се наведува во Првомајскиот проглас на ССМ.

Оценка на ССМ е дека има зголемено кршење на работничките права, а новиот закон за работни односи не се носи веќе шест години, додека последнава година, како што посочуваат, воопшто не се работело на него, односно не биле одржани расправи за надминување на разликите во креирањето на законот меѓу социјалните партнери.

Оттаму нагласуваат дека кај нив има над 10.000 обраќања за прекршени работнички права, а според ССМ, преседан е и тоа што измената на Законот за работни односи со која е воведена можноста за 72 часовна работна недела е направена без социјален дијалог и учество на ССМ како репрезентативен синдикат.

Атак на синдикализмот во државата, според ССМ, е и пресудата на Врховниот суд со која после 18 години судски спор и повеќе од 8 пресуди во корист на ССМ, се одзема Работничкиот дом.

[Сојузот на синдикати на Македонија  бара да се преземат напори за да им се помогне на работниците, претпријатијата и јавните служби да ја надминат кризата предизвикана од коронавирусот.]

- На идната Влада, ние работниците и порачуваме дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките и граѓанските права, во спротивно ќе продолжи трендот на штрајкови и протести како единствен облик на синдикална борба за работничките права и интереси, се наведува во Промајскиот проглас на ССМ.

Меѓународниот ден на трудот се празнува секој 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Овој празник се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден. Во знак на почит кон жртвите од штрајкот, Втората интернационала на Основачкиот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. 

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во државава има статус на државен празник и до 2006 година се празнуваше два дена, а од 2007 година се празнува само на 1 мај.

Популарно