ВМРО ДПМНЕ бара ослободување на обвинетите од 27ми Април

Извршниот Комитете на ВМРО ДПМНЕ констатираше дека во изминатите 5 месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи  чии заеднички именител е политичка интервенција од власта.

-Така, веднаш по доаѓањето на власт СДС која во овој момент има целосна контрола врз обвинителствата и судството во Македонија ги ослободи од затвор Агим Красничи од Кондово, затворен за серија тешки криминални дела, а на кого јавноста се сеќава дека во 2004-тата го држеше Скопје под безбедносна опсада цели 4 месеци, Бајруш Сејдиу од Куманово осуден исто така за редица тешки кривични дела, Велија Рамковски од Скопје исто така осуден за поголем број кривични дела, од притвор го ослободи и му овозможи божемен куќен притвор на Сеат Рахиќ, осомничен за растурање и продавање дрога, кого јавноста пред само три дена го виде во улога на напаѓач на претседателот на партијата ГРОМ и група нејзини членови, како и плејада други осудени или осомничени криминалци за тешки кривични дела, потенцираат од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај ова СДС, согласно ветувањата дадени кон коалициониот партнер ДУИ, а кои беа дел од т.н. Тиранска платформа, издејствува обвинителството да побара укинување на судската извршна пресуда против лицата кои извршија свирепо убиство на 5 млади лица додека ловеле риба во Смилковското езеро, случај познат во јавноста како Монструм, чие судење и пресуди завршија не само пред кривичниот суд, туку беа потврдени и од Апелациониот суд.

Непосредно пред почетокот на изборната кампања, владата објави дека усвои закон за амнестија на затворениците, со кој ќе бидат амнестирани околу 1.050 затвореници за сторени тешки кривични дела меѓу кои огромен дел се кривични дела за тешки телесни повреди. Иако ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на оваа идеја која имаше јасна политичка заднина во пресрет на изборите, јасно е дека истата ќе биде реализирана заради одлуката на владејачкото мнозинство во парламентот предводено од СДС и ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ од секогаш се залагаше за правда и правна држава, но очигледно е дека по доаѓањето на власт на СДС, такво нешто веќе не постои, и има само селективна правда, политички реваншизам, контролирано од власта обвинителство и суд, и масовно ослободување на прекршителите на закони кои се блиски или корисни за власта, а на сметка на тоа драстично казнување на неистомислениците.

Оттука, ИК на ВМРО-ДПМНЕ информира дека покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017-та година.

ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски а во некои делови и идентични ставови со ставовите на  граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија која јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните кои протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно било какво натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27ми април.

Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27-ми април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се теретат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смилковското езеро, и редица други повреди сторени од лица кои веќе се наоѓаат на слобода или наскоро ќе се најдат на слобода со политички договор помеѓу коалиционите партнери на власта или со политичка одлука или интервенција на СДС.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека од овие причини пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27-ми април 2017.

Со ова партијата не го менува својот став во правец дека физичкиот напад врз пратениците беше голема грешка на дел од демонстрантите, ниту пак се повлекува од неговата осуда, но, имајќи ги во предвид неправдите со ослободување по политичка интервенција и договор на сторители на идентични или потешки кривични дела, смета дека правично е да се ослободат и овие лица. Сметаме дека овој чин ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии.

ДСЗИ најави забрана на Клиниката за токсикологија за здравствени работници без договори за вработување

Поради делумно постапување по решението со опомена на ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија во Скопје според закон и понатамошното евидентирано присуство на оваа клиника на здравствени работници и здравствени соработници без договори за вработување, ќе биде издадено решение за забрана на нивно присуство, согласно законските правила, информираше денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска.

На 30 април, извршен бил контролен инспекциски надзор на оваа клиника, по изминати рокови за постапување од наложените мерки со решение издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април.

Имало увид во документи од страна на медицинскиот директор и организацискиот директор и исписот од електронскиот систем за евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите, односно присуство во просториите на јавните здравствени установи во периодот по приемот на решението, од 19 април до денот на контролниот инспекциски надзор 30 април.

Единаесет здравствени работници и соработници во решението од ДСЗИ кои биле без никаков договор за вработување,  откако договорите им истекле на 31 декември лани и понатаму се евидентирале во електронскиот систем за евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите. Со евиденцијата на присуство во просториите на јавните здравствени установи не било постапено по точка 1 од решението.

Постапено било само по точка 4 - медицинскиот директор на Клиниката побарал од претседателот на УО да свика состанок, тој ги поканил членовите и денеска била закажана седница, а според добиените информации, морало да се постапува по решението издадено од страна на ДСЗИ.

- Првото решение беше решение за опомена, ова сега ќе биде решение за забрана. Доколку не ја почитуваат забраната ќе одиме со казни. Казните треба да ги провериме во Законот колку изнесуваат, тие ќе бидат секако парични казни коишто ќе се однесуваат и на медицинскиот и на организацискиот директор и на установата, појасни Младеновска, одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот за здравство Илир Демири на 22 април на прес-конференција најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петровски. Тој рече дека пред извесен период бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано, 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.

Демири посочи дека тој ден потпишал решение со кое бара длабоко истражување од надлежните институции во врска со вработувањата во јавното здравство.

Истиот ден, претходно, лекари алармираа за хаос што се случува на Токсикологија, особено, како што рекоа, откако била назначена организациската директорка. 

Доктор Нико Беќаровски тогаш истакна дека Клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациска директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.

Во неколку наврати, додаде, било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира.

- Од директорката се инсистира да бидат примени сите 18, кои претходно беа примени со договор на дело, а на кои им истече договорот. Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања, рече тој.

На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18-те лица за кои директорката Бесија Иљази барала да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборант да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.

Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик. Тој рече дека имал обиди со неа да разговара на англиски. Комуникацијата, додаде Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 лица, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.

Организациската директорка на клиниката даде изјава за медиуми истиот ден, но, само на албански јазик.

На прашањето зошто организациската директорка на Токсикологија не даде изјава на македонски јазик, туку само на албански, додека новинарите беа на Клиниката за токсикологија, министерот кажа дека самиот рекол да не се даваат изјави.

- Оти ако ме забележувате, колку сум воздржан во тоа што го кажувам. Ако има потреба, ќе даде и со преведувачи, одговори Демири на новинарско прашање.

На 26 април, прашан за болничарот кој требало да биде суспендиран, Демири рече дека голема неправда е направена на Токсикологија, затоа што не е обезбедена согласност од страна на менаџментот за обезбедување на договорите за работа за 18-те вработени кои четири месеци работат во Клиниката, а не добиваат економски надомест.

- Јас кажав тоа што имам забележано и за што имам факти и тоа е изјава дадена во јавноста, меѓутоа сме во предизборие, во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниедна законска процедура. Чекам да дојде извештајот на инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на пет дена менаџментот на институцијава да најде решение за 18-те луѓе кои се вработени таму, кои работат, а не добиваат економски надомест, изјави Демири.

Рече дека не се точни наводите дека економската директорка доаѓала на работа четири часа.

- Според моите сознанија, економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката. Проверено е, рече Демири. 

Утре и задутре локални врнежи, во недела стабилно и потопло

Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, освен во недела кога ќе биде претежно стабилно и потопло. Утре, како што информира УХМР, особено во источните делови, на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Утре ќе биде променливо облачно, особено претпладне ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Температурата ќе се движи од 5 до 22 степена.

И во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне во делови од котлината нестабилно, со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме.

Според УХМР, во сабота ќе дува засилен северен ветер, а температурата ќе достигне 21 степен. 

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот ширум светот

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот ширум светот.

Овој ден се одбележува во светот во знак на сеќавање на тој датум во 1886 година, кога работниците во Чикаго со штрајкови и протести ја започнаа својата борба за осумчасовен работен ден.

На првиот конгрес на Втората интернационала во 1889 година, беше одлучено следната година да се одржи голема манифестација со која ќе биде прославен 1 мај, како знак на сеќавање на протестите во Чикаго и како форма на борба за работничките права.

На вториот конгрес на Работничката интернационала е одлучено од 1890 година на 1 мај ширум светот да се одржуваат манифестации, демонстрации и штрајкови.

Популарно