Собранието го изгласа Законот за јазици

Собранието на Република Македонија денеска со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците.

Законот беше изгласан и со двојно мнозинство, односно за него гласаа 27 пратеници од немнозинските заедници, а еден беше воздржан .

Дебатата за законот за јазици во Собранието почна на 5 септември минатата година во собраниската Комисија за европски прашања, а парламентарното мнозинство ја усвои потребата од негово носење на 15 ноември лани. Против законот беше опозициската ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека е неуставен и дискриминаторски во однос на македонскиот јазик и останатите јазици на кои говорат граѓаните во Македонија.

Законот е донесен без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои не учествуваат во работата на Собранието во знак на револт од притворањето на петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.

Против законот се изјасни и претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред Собранието. Според него, законот за јазиците претставува закана по унитарноста на државата и го крши  Уставот на Република Македонија.

Наспроти опозицијата, предлагачот и пратениците од мнозинството, во текот на дебатата порачаа дека законот е дел од патот на евроатлантските интеграции на Македонија и на никаков начин не го нарушува ниту Уставот, ниту унитарниот карактер на државата.

Премиерот Зоран Заев исто така во неколку наврати изнесе оценки дека законот за јазиците е согласно Уставот и оти со него само ќе се унапредат некои практични потреби на граѓаните кои досега не им биле овозможени

Како што наведува во образложението од Министерството за правда, со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).

Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Популарно