Фамилиите на загинатите планинари со писмо до Планинарскиот сојуз на Македонија

Фамилиите на младите планинари Калина Велевска и Александар Миновски кои загинаа на Кајмакчалан испратија писмо до Планинарскиот сојуз на Македонија.

Писмото го пренесуваме интегрално:

Навистина е згрозувачки повикот на квази планинарското друштво „Трансверзалец“ од чие дилетанство, кое се граничи со умисла, загинаа нашите две деца Калина и Александар. Цели три дена од нив не чувме јавно извинување или барем некаков израз на сочувство за прерано трагично изгубените животи. Наместо тоа, друштвото што ја организирало оваа тура под водство на некаков си самопрогласен водич Зоки Москито (за кого се сомневаме дали воопшто има лиценца за организирање на тури во зимски услови, но за кого сме сигурни дека нема физички и интелектуални капацитети да води луѓе ни до Средно Водно), безобразно повикува на молк и на гушење на слободата на изразување. Се разбира, за да ги прикријат големите грешки во целиот овој настан!

Сите социјални мрежи брујат од реакции на гнев и револт поради лошата организација на целиот настан во кој попусто отидоа два млади животи. Планинарскиот сојуз на Македонија треба итно да го преиспита случајот за да се утврди евентулната одговорност и да испита од која причина има неколку противречни верзии за самиот настан. Имено, од која причина турата тргнала кога од грчката страна дале предупредување да не се качуваат бидејќи условите биле екстремно лоши, колку пари се земаат од секој учесник во турата и зошто не се одложила турата за наредната недела, за кога имало прогноза дека ќе биде сончево? Кој ја пуштил веста дека во црквичката биле заробени млада жена и нејзината ќерка и дека треба да се спасуваат? Од која причина, кога се дознало дека двајцата млади планинари ги нема, во 14,30 часот, кога се известени грчките власти, ниту тогаш, ниту во текот на целиот ден, ниту следниот ден (родителите кутри од порталите дознаа), никој од организацијата на турата не ги известил родителите, ниту блиските на двајцата млади луѓе, за несреќата и кои можеле да превземат мерки за спасување?, дали воопшто некој од ова катастрофално друштво имал лиценца за водење на тури во зимски и екстремни услови?

Како можеше ова дилетантско друштво, сега да повикува на молк на социјалните мрежи и да бидат толку транспаретни, а истите тие не дадоа никаква објава кога во 14, 30 ( според некои верзии уште во 13, 30 ), утврдија дека нашиве деца исчезнаа и кога можеше да се крена на нозе целата јавност и сите безбедносни служби во државава и во пријателска Грција, за да ни ги спаси децата? Дали особата Москито имал лиценца за водење на тура во зимски услови? Дали оваа особа има положено психолошки тест? Во кој временски период се обновуваат лиценците и кој тоа го контролира ? Од која причина, досега нема никакво известување од друштвото, а од членовите на друштвото имаме информација дека им било забрането да зборуваат било што? Од нив имаме информации дека никогаш досега не биле на вака лошо организирана тура од ниедно планинарско друштво во Македонија. Кој од членовите на турата до доцна во ноќта славеле во кафеана во Лутраки? Што правеле другите членови на групата, од кои се некои искусни планинари, а особено најблискиот и најверниот другар на Калина и Ачек- Дени Ќировски???? Колку пари од оваа тура земал лицето Москито ?

Ако времето било екстремно лошо со температура од минус 20 степени и ветер од 150 км на час, кој дозволил лицата да тргнат на турата со полулесни јакни кои не се ни за пролетни услови, а не за вака исклучително лоши. ….И редица други прашања, прашалници и дилеми, чии одговори ќе ни помогнат за лоцирање на индивудуалната и колективна одговорност за граѓанска и кривична постапка….. И нормално, да се одземе дозволата за работа на овие аматери!

Дали воопшто некој од државните власти ќе се заинтересира на кој начин овие друштва функционираат, дали ги следат прописите за безбедност на планинарите, дали овие тури некаде се пријавуваат и регистрираат, дали постои некоја евиденција, дали овие друштва имаат обврска на некого да пријават вакви тури и каков е нивниот исход? Минатата година се дозволи, младиот Мартин на возраст од 17 години, да оди на ноќна тура на Шапка, но благодарение на околноста што двајца други му го грееле телото на минус 20, истиот преживеа. Треба ли уште некој живот да изгубиме? Ќе се спречи ли ова дилетанство и анарахија и ќе се воведе ред во планинарските тури или ќе се сведе на бизнис во кој човечките животи не вредат ни пет пари????

Од фамилиите на загинатите

Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Популарно