(ВИДЕО) Наместо ракомет - циркус: Се степаа директорите на Војводина и Динамо Панчево!

Прашање е уште колку шлаканици може да трпи српскиот спорт по сите резили кои се случија во последниве денови.

Од ниските обвинувања меѓу ракометарите репрезентативци и селекторот Јовица Цветковиќ, преку вандализирањето на пехарот од кошаркарскиот куп, до најновиот „дострел“ - тепачка на спортски директори на клубови. 

Во финалето од Купот на Србија се сретнаа Војводина и Динамо Панчево, екипите кои ја претставуваат земјата и во СЕХА-лигата, а мечот ќе се памети не по конечните 25-22, туку по инцидентите. Во финишот на првото полувреме, се спречкаа домашниот голман и неколку ракометари од Панчево. 

Судиите реагираа така што го исклучија голманот, меѓутоа само што стивнаа страстите на теренот, разгореа покрај него. Камерата ги фати спортските директори на двата клуба како се тепаат или барем се обидуваа да го направат тоа. Додека стигнаа да ги разделат, резилот веќе пукна.

Погледнете на 43:16 минута.

Претходно, селекторот на српската ракометна репрезентација ги обвини играчите за недециплина на ЕП во Хрватска, дека шетале до доцни часови и дека пред време си резервирале билет за дома, не размислувајќи дека можеби и ќе ја поминат првата фаза. 

Ракометарите, пак, возвратија со обвинувања дека селекторот Цветковиќ е пијаница и дека не бил трезен во Загреб. Потоа излезе скандалот со пехарот од кошаркарскиот Куп Корач. Некој ги одлепил плочките на кои пишува Црвена звзда, а кои стојат во чест на секој освојувач.

Митревски блескаше на голот во португалското дерби

Македонскиот голман повторно блескаше во дресот на Порто кој триумфираше на гостински терен во дербито на португалското ракометно првенство против Спортинг со 37:35.

Нашиот чувар на мрежата придонесе во победата со девет одбрани.

На табелата Спортинг има 40 бодови, пред Порто со 38, следуваат Бенфика (34) и Брага (28).

Македонија има нов светски шампион

Македонија има нов светски шампион! Бобан Илиоски го победи Берк Дузенли во првата професионална битка за појас во „ВАКО Про АФН 9“ и по аматерските трофеи, се закити со признание и во професионалните води. Илиоски во борбата во дисциплината К1 успеа да ја исполни зацртаната цел и стана професионален кик-бокс шампион. 

Илиоски во пет рунди беше подобар од турскиот ривал на големиот светски настап кој се одржа во СЦ „Јане Сандански“. Македонецот имаше проблеми против Дузенли кој беше расположен во првите неколку рунди, меѓутоа потоа успеа да воспостави контрола. Илиоски добро се бранеше, го одби противничкиот налет и со удари од дистанца собра доволно бодови. 

Откако немаше нокаут во петте рунди, одлуката остана на судиите, а спикерот го прогласи Илиоски за победник на одушевување на присутните во салата. За македонскиот кик-боксер ова е најголем успех во досегашната кариера, откако претходно стана светски и европски првак во ВАКО аматерските натпреварувања. 

Пред одлично пополнети трибини во скопската сала Македонија доби нов првак на професионално ниво. Во поддршка на својот другар Бобан Илиоски дојдоа и навивачите на Вардар, верните „Комити“ во солидна бројка. 

Лазаров доби нов помошник во репрезентацијата

Поранешниот репрезентативец Стојанче Стоилов ќе биде дел од стручниот штаб на машката репрезентација на Македонија.

Тој и претходно беше дел во неколку наврати од подготовките на националниот тим откако ја заврши репрезентативната кариера, но сега ќе биде во улога на асистент.

Ова е четврти екс репрезентативец кој влегува во стручниот штаб на селекторот Кире Лазаров по Бранко Ангеловски, Ацо Јоновски и Филип Миркуловски.

Машката репрезентација ја очекува двомеч со Фарски Острови за пласман на СП 2025 година во Хрватска, Данска и Норвешка.

Првиот натпревар се игра во Торшавн на 8 мај од 20:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 12 мај од 19:00 часот

Популарно