Грчките медиуми тврдат дека владата во Атина се ниша

Прашањето за името на Македонија, случајот со грчките војници притворени во Турција, но и позициите за сопственикот на ПАОК, Иван Савидис, се главните точки, кои, според грчките медиуми, придонесуваат за зголемување на несогласувањата и разликите меѓу владините коалициски партнери СИРИЗА и Независни Грци.

Во однос на разговорите за името, како што се приближува моментот кога би можело евентуалниот договор да стигне до грчкиот Парламент, во Грција така се зголемуваат и шпекулациите и сценаријата за ставот на министерот за одбрана Панос Каменос и неговата десничарска партија Независни Грци.

Информативниот портал „Ин“ пишува дека кон крајот на месецот шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Парламентот во Атина ќе ги презентира предлозите за решение, а тоа ќе значи и напуштање на Владата на Независни Грци.

- Според информациите, кон крајот на месецот Коѕијас во Парламентот ќе ја донесе рамката за договор со Скопје за името. Предлозите што ќе се достават и ќе го вклучуваат терминот „Македонија“ ќе бидат изговор Независни Грци да ја напуштат Владата - наведува „Ин“.

Информативниот портал „Ин“ додава дека, според истите информации, сите министри и заменици на Незвисни Грци ќе поднесат оставки, но партијата ќе продолжи да ја поддржува Владата.

- На овој начин Панос Каменос ќе сака да ја искористи и последната надеж за да ја смени негативната клима за него и да донесе пресврт во истражувањата на јавното мислење - заклучува „Ин“. 

За презентирањето на предлозите пред грчкиот Парламент, пред два дена говореше и Ставрос Теодоракис од партијата Река, кој рече дека намерата на грчката Влада е тоа да го стори по Велигден.

Информативниот портал „Иефимерида“ коментира дека по посетата на Коѕијас на Скопје, каде што сериозно ќе се испитаат можностите за евентуален договор, доаѓа тешкиот дел - гласањето во Парламентот.

- Можноста, Панос Каменос и во пракса да го примени она што го кажува и да не поддржи решение, повторно ја отвора „лепезата“ со сценарија. Прво, дел од членовите на СИРИЗА, не ја исклучуваат можноста да следат силни потреси во владиното мнозинство, што може да донесе важни случувања. Второ, други, се плашат дека несогласувањето на Каменос, може да го поведе премиерот Алексис Ципрас дури и до веројатноста да се повлече од скопското прашање, со изговор, како што велат, неизнаоѓање решение за прашањето со Уставот со ПЈРМ - пишува грчкиот портал.

Дел од медиумите во Грција оценуваат дека несогласувањата и различните позиции на коалициските партнери и досега беа познати, но овој пат масло во огнот долеале ставовите околу Иван Савидис.

Пратеници од двете партии во грчката влада, СИРИЗА и Независни Грци, во изминатите денови излегоа со спротивни позиции во однос на сопственикот на ПАОК и бизнисмен Савидис. Медиумите, ова го коментираат како зголемување на нетрпеливоста меѓу коалициските партнери и „облаци“ над владината коалиција.

- Случајот со Савидис ги менува односите на СИРИЗА и Независни Грци. Можеби е првпат кога информациите за големи проблеми во коалицијата не само што се потврдуваат, како од членови на СИРИЗА, така и од членови на Независни Грци, туку и паралелно се чини дека не постои намера Алексис Ципрас и Панос Каменос да интервенираат и да го „изгаснат“ огнот, како што беше случај во минатото, истакнувајќи ја силната врска меѓу нив - пишува „Нафтемборики“.

Портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос, говорејќи за радиото „Алфа 989“, утрово рече дека не постои никаков проблем во односите меѓу двете партии што учествуваат во владината коалиција и повтори дека изборите ќе се одржат регуларно на крајот од мандатот на владата, следната година.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно