МВР му го одзеде пасошот на Вранишковски

Завчера на 9ти Јули, на граничниот премин Меџитлија кај Битола, од страна на Министерството за внатрешни работи одземена му е патната исправа на српскиот егзарх Јован Вранишковски.

Според групата следбеници на екс владиката на МПЦ – ОА, МВР не дало објаснување за одземање на пасошот.

Според ПОА “таква дискриминација со одземање на патни исправи без никакво образложение, својствено е за правно неуредени држави, држави во кои нема никакво владеење на правото”.

“Дали е ова ќеф на владината врхушка, која само декларативно пред претставниците на Европската Унија се залага за владеење на правото, набрзо ќе се дознае, секако доколку јавноста се заинтересира зошто е направено такво беззаконие, какво што денес му се прави на Архиепископот охридски Јован, а утре на било кој друг”, прашуваат следбениците на Јован за кои Владата, од една страна декларативно вели дека подава рака кон секого, но во стварноста ги прекршува верските слободи и очигледно со ваквата дискриминација има намера да влијае врз организацијата на прославата 1000 години од основањето на Охридската архиепископија.

Групата на Вранишковски тврди дека со верскиот прогон, Владата го крши и Уставот и меѓународните конвенции, кои ги има потпишано, со што ја продолжува праксата на претходната Влада, за што, од Европскиот суд за човекови права во Стразбур неодамна ѝ беше наложено да ѝ плати оштета на Православната Охридска Архиепископија.

Одземањето на пасошот на Вранишковски е изненадување ако се знае дека најмалку тројца негови блиски соработници се на високи позиции во владата на Заев а еден е раководител на владиниот тим за пропаганда.

Ниту еден од директорите и функционерите активисти на ПОА кои работат во владата не изреагира јавно за инцидентот ниту понуди оставка во знак на револт за односот кон егзархот.

Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Популарно