Еуролинк осигурување додели 30 стипендии за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“

Вчера вечерта се одржа 5-тото јубилејно доделување на Еуролинк стипендиите. Беа доделени 30 стипендии за најдобрите студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за учебната 2018/2019 година во вкупна вредност од 1 600 000 денари.

Еуролинк стипендијата е наменета за покривање на трошоците за кофинансирање на редовни студенти од првиот и вториот циклус на студиите. Стипендијата за студентите од првиот циклус е во висина од 40 000 денари, додека стипендијата за постдипломските студии е со висина од 60 000 денари. Во изминативе 5 години Еуролинк осигурување додели 130 стипендии на студентите од Правниот факултет, со вкупна вредност од 5 700 000 денари.

Претседателот на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување г-ѓа Олга Костовска лично им ги врачи стипендиите на најдобрите студенти за 2018 година. „На сите стипендисти им честитам од срце, и се надевам дека ви го олеснивме патот кон иднината, покажувајќи ви ги вистинските вредности. Не заборавајте на вашата одговорност кон семејството, кон нашата татковина, кон своите сограѓани, започнете активен општествен живот, прифаќајќи ги предизвиците, бидете горди на благородноста и на хуманоста што ја носите во себе, и потрудете се секогаш да најдете начин да им помагате на оние што се помалку привилегирани од вас. Да не дозволиме вашиот и нашиот свет да ги заборават основните човечки вредности,  a  користејќи го сопствениот интелект градете достоен живот за себе и за луѓето околу вас“, им посака претседателот на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување А.Д. Скопје на младите стипендисти.

За значењето на Еуролинк стипендијата се обратија и стипендисти на Еуролинк од претходните генерации и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Горан Коевски, кој истакна „Да се вложува во образованието и развојот на студентите на Правниот факултет ’Јустинијан Први‘ - Скопје е за нас особена чест и на одреден начин препознавање на квалитетот на образованието што го нудиме. Значајно за оваа стипендија е што таа се добива во еден сложен процес и зависи единствено од квалитетите што апликантите ги имаат и на 130 студенти им овозможи поттик за да бидат подобри во нивните студии и со тоа да станат поатрактивни на пазарот на трудот, но и да создадат основа за понатамошна академска надградба“.

Проектот е дел од долгорочната корпоративна платформа, „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“, преку која се промовираат трајните образовни, културни и општествени вредности во нашата држава.

Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи – Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

– Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во ЦУК.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Популарно