2.000 евра казна: Нема веќе продавање текстил и патики на зелените пазари!

На зелените пазари од вчера  не смее да се продава ништо што нема прехранбена намена. Значи, облека, обувки, текстил и сите непрехранбени производи.

Исто така, оние кои продаваат зад тезгите мора да имаат лиценца, а неа не може да ја добијат вработени и пензионери.

Оваа нова законска регулатива беше донесена пред шест месеци и стапи на сила од првиот ден на 2019 година, а колку таа ќе се применува ќе видиме од резултатите на инспекциите, каде пазарните инспектори ќе бараат лиценци за работа.

За продавање без лиценца, немање документи за потекло на производот, предвидени се глоби од 150 до 2.000 евра.

Ден на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск.

Во пресрет на Денот на 24 Мај, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

По повод Денот на сесловенските просветители, на Православниот-богословски факултет „Св. Климент Охридски“ беа одржани Првите Кирилометодиеви научни средби. Научните средби се во организација на Институтот за национална историја и Православниот-богословски факултет „св. Климент Охридски“ со цел одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и зачувување и афирмирање на вековните македонски историски и црковни традиции. 

Со низа манифестации и настани, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, се одбележува во Охрид. Чествувањата ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска. Во „Св. Софија“ ќе биде прикажан документарниот филм „Кирилицата – Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев.

Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник. Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани на југ. Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај - Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.

Радев: Желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак

 Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, исто како што било за секоја земја членка, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим, пренесува БТА.

- Мојата порака до претседателот на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата, изјави Радев.

Според Радев, поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 

- Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба, одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим.

Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.

-  Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија, изјавил Радев.

Претседаелка Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан во рамки на чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.Ова е нејзина прва посета во странство по преземањето на функцијата на 12 мај. 

Таравари: Се уште немам решено дали ќе бидам министер за здравство

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари нема решено дали ќе биде во идниот владин состав како министер. Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.

Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

- Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.

Според него, она што вчера било најавено во повеќе медиуми е точно и како што рече, наскоро ќе има официјални резултати од преговорите.

- За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен, рече Таравари.

На прашање на МИА дали ќе биде иден министер за здравство, тој рече дека нема решено и уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција.

Таравари ги коментираше и резултатите од прогласувањата и посочи дека биле во предност на 8 мај, а сега ,како што рече се во огромна предност.

- Во Шестата изборна единица, ДУИ има еден пратеник помалку, ВЛЕН има еден пратеник повеќе, така што, нашиот вкупен број на пратеници е 14, ДУИ останува со 18 пратеници рече Таравари. 

Популарно