Татккото тврди дека -„Ангела во суштина е добро дете”

На денешното рочиште за убиството на Пино Секондо, таткото на обвинетата Ангела, Златко Ѓорѓиевски, сведочеше како сведок на одбраната. На прашање од обвинителката Лидија Раичевиќ „Што се случило кога се дознало дека Пино е најден закопан“.

Сведокот одговори „Јас и реков ‘зашто не кажа?’, но ние имавме многу малку време за да разговараме затоа што ја приведоа”.

„Ангела е дете како сите други деца, сè досега било во нормала. Знаела и позитивно и негативно да изненади. Во суштина е добро дете”.

По исчезнувањето на Пино, Ангела се повлекла и станала поплашлива, а не славела ни Нова година. Ѓорѓиевски раскажа за тоа како го запознал Фуркан Али кој е обвинет за убиството на Пино.

„Дома кај нас беа дојдени другари и другарки на Ангела, се дружеа во нејзината соба и си заминаа со две коли. По некое време се врати Ангела со Фуркан и кажаа дека колата со која тие се возеле била во дефект. Јас му помогнав и тоа беше првиот пат кога го запознав”, сведочеше Ѓорѓиевски.

По таа првична средба, таткото на Ангела уште неколку пати наидувал на колата на Фуркан.

„Чувствувам потреба да кажам дека на социјалните мрежи јас, мојата сопруга и пошироката фамилија сме оцрнети со недолични зборови и навреди. Прво имаше информација дека јас сум шофер што не знаел ништо, дека сме разведени, а не сме, се со цел да се прикаже дека Ангела е дете од нефамилија”, сведочеше Ѓорѓиевски.

„Мене многу ми е жал за изгубениот живот. Секогаш кога ќе отидам во црква палам свеќа, но со ваквото однесување на госпоѓата Маја не заслужува да и изразам сочувство. Дури имаше заговор од луѓе за да ја истепаат мојата сопруга на работа”, рече Ѓорѓиевски.

„Ниту јас, ниту сопругата не знаевме дека Фуркан ѝ е дечко”, рече таткото на Ангела, одговарајќи на адвокатско прашање.

Обвинетата Ангела почна да плаче за време на сведочењето на нејзиниот татко.

Судот го одби предлогот на одбраната за повторно испитување на мајката на Пино.

Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за 24 феврури.

Пино Секондо беше убиен на 11 декември 2018 година. Ангела Ѓорѓиевска е обвинета дека во убиството му била соучесник на првообвинетиот Фуркан Али кој е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Остатоците од телото на Секондо беа случајно пронајдени кон крајот на април минатата година.

Се заканувал со автоматска пушка во казино и украл 4000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.

-На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.

На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

Загина 20-годишно момче во сообраќајка кај Новоселани

„На 25.04.2024 во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај с.Новоселани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.М.(20) од с.Браилово-прилепско и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.Т.(43) од Скопје“, информира МВР.

Како што соопштија од полицијата, во несреќата на местото на настанот починал М.М., а смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Градската општа болница Прилеп.

Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп. 

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Популарно