Карпош смрди на чад - дивата депонија кај салата „Борис Трајковски“ и денеска не труе

И денеска Карпош смрди на чад. Дивата депонија покрај кејот на реката Вардар во Скопје, во близина на салата „Борис Трајковски“, гори и понатаму иако пламен нема. Непријатна миризба се чувствува низ целата општина па до Центар. Од Пожарната велат дека брзо ќе го локализираат пожарот, но дека поради ветрот чадот се шири низ населбата.

На мирис на чад се жалат граѓани секоја вечер откако пред три дена беше запалена депонијата, но надлежните велеа дека немаат пријава.

Истата депонија беше запалена во април 2019, а од март годинава почнаа градежните работи за изградба на парк на на површина од 60.000 метри квадратни. Покрај зеленило и дрвја, ќе биде изведена и ботаничка градина, како и содржини за спорт и рекреација.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев на 14 септември, кога почнаа пожарите на депонијата, кажа дека не може да се излезе на крај со граѓаните.

„Влезот во близина на аква паркот од каде влегуваа камиони го затворивме откако ја исчистивме депонијата, но сега си направиле друг пат и од таму влегуваат и прават депонии. Сто пати чистевме, стававме препреки, но џабе, пак се прават депонии.  Депонии се прават и во Карпош 4, во делот кој го расчистува и рамни земјиштето за новиот парк“, вели градоначалникот Богоев.

Богоев вели дека инспекторите од Општината постојано биле на терен, но граѓани истураат камиони со шут и  во 5 часот наутро во недела.

Дел од Центар утре ќе остане без струја, дел од Карпош без вода

Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа, утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:

Во период од 08:30 до 14:00 ул. „Антоние Грубишиќ“, ул. „Коле Неделковски“, ул „Наум Наумовски Борче“ и ул. „Мирослав Крлежа“ во општина Центар.

На ден 08.04.2024 (понеделник) поради изведба на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.„Џумајска“ 47, прекинато водоснабдување од 10:00 до завршување на интервенцијата ќе имаат корисниците од ул.„Џумајска“ во општина Карпош.

Опожарено возило во гаражите на „Ист гејт мол“

Во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, попладнево во гаражите било опожарено едно возило, по што интервенирале од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Пожарот бил локализиран и нема повредени. По увидот на надлежните служби, како што информираат, трговскиот центар продолжил да работи.

Како што информираат од МВР, во 18:45 часот настанал пожар во патничко возило „фолксваген поло" со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.А. (62) од скопското село Кондово.

-  Пожарот бил локализиран. Повредени лица нема, се вели во соопштението од МВР.

Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации, како што информираат од трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, биле активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани, а како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица.

Од Пожарна за МИА информираа дека интервенирале со едно возило, по пријава од посетители на молот.

- Завршена е интервенцијата. Станува збор за опожарено едно возило. Службите во „Ист Гејт“ веќе почнале да го гасат. По реакција од посетители, испратено е едно возило со шест пожарникари, информираа за МИА од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

По увидот на надлежните служби, трговскиот центар, како што информираат од „Ист Гејт Мол“,  продолжил да работи со редовно работно време до 22 часот. 

(Видео) Како беше извршен филмскиот грабежот на маркет во Црниче?

На социјалните мрежи доцна синоќа беше објавена снимка од грабежот на маркет во скопската населба Црниче.

На снимката може да се забележи возило и лица кои се обидуваaт да го украдат сефот од маркетот. Додека е вклучен алармот, тие успеваат да го стават во багажник, тргнуваат, но сефот паѓа на патот во Црниче, па тие се враќаат повторно да го подгинат.

Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа за настанот.

- На 01.04.2024 во 03.58 часот во СВР Скопје било   пријавено дека во маркет на подрачје на општина Кисела Вода во Скопје три лица извршиле „тешка кражба“, при што одзеле сеф.  Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението до полицијата.

Маркетот e ограбен откако автомобил влетал во влезната врата, алармот се вклучил, а разбојниците го земале сефот.

Популарно