Врховен го укина притворот на таткото на Вања, определи куќен притвор и мерка на претпазливост

Врховниот суд на Република Северна Македонија ја уважи жалбата на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, ја укина определената мерка притвор и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

- Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост, соопштија денеска од Врховен.

Денешната седница беше втора јавна седница пред Врховниот суд по мерката притвор на таткото на Вања, откако во март годинава Врховен ја одби како неоснована жалбата против мерката притвор на Ѓорчевски, по решението на Апелациониот суд Скопје. 

Таткото на Вања е осомничен за помагање во грабнување на неговата ќерка, малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. 

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд. 

Киднапиран, избоден и претепан скопјанец – Еден од напаѓачите негов колега

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 и Противправно лишување од слобода согласно член 140 став 5 од Кривичниот законик.

Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата “Беласица”.

Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.

Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

78-годишен тетовчанец тешко повреден во сообраќајка

Вчера во 11.00 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионален пат Тетово - с.Јажинце, на влез за тетовско Теарце, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „фолксваген голф“, управувано од Ш.Џ.(74) од тетовско Шемшово и  патничко возило „фолксваген голф“, управувано од А.Р.(78) од тетовско Пршовце, двете со тетовски регистарски ознаки.

Во несреќата, А.Р. се здобил со тешки телесни повреди, додека Ш.Џ. се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово.

Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово, соопштува МВР.

Почина таткото на Тоше, Никола Проески

По долго боледување, почина таткото на Тоше, Никола Проески.

Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

„Светол патот, татко мој“, напиша таа.

Музичарот Тоше Проески загина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска. 

Популарно