Нови случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје

Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 20, а пријавени се заболени и во Битола – три, Куманово – две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст“, пишува во извештајот.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје – 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

„Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува“, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Кардиолозите тврдат: „Оваа риба е најдобра за здравјето на вашето срце – еве зошто“

Смртта од кардиоваскуларните болести на глобално ниво се зголемила од 12,1 милиони од 1990 година на 20,5 милиони во 2021 година, според извештајот на Светската федерација за срце од мај 2023 година.

Иако бројот е прилично застрашувачки, за среќа, многу од овие состојби можат да се спречат или барем да се контролираат со здрав начин на живот – вежбање, управување со стресот, избегнување пушење и пиење алкохол и уживање во здравата и избалансирана исхрана.

Општата содржина на исхраната за здравјето на срцето вообичаено вклучува зеленчук, мешунки, јаткасти плодови, маслиново масло, бобинки и риба.

„Консумирањето риба е дел од добро познатата, глобално прифатена, традиционална медитеранска исхрана. Во неколку опсервациски студии се докажало дека усвојувањето на оваа диета е поврзано со намалената стапка на морталитет од кардиоваскуларни болести“, вели кардиологот д-р Мустали Дохадвал.

Омега три масните киселини во лососот го намалуваат ризикот од аритмија

Меѓутоа, според кардиолозите, еден вид риба особено се истакнува по поволното дејство на здравјето на срцето – лосос. Тие тврдат дека оваа риба е најздрава за срцето благодарение на високото ниво на омега три масните киселини, а и самите доктори ја јадат по неколку пати неделно.

„Докажано е дека омега три масните киселини го намалуваат нивото на триглицеридите, ги намалуваат васкуларните воспаленија и го намалуваат ризикот од аритмија“, вели кардиологот д-р Бредли Сервер.

Конечно, д-р Дохадвала заклучува: „Истражувањето покажало дека јадењето риба четири пати неделно или повеќе го намалува ризикот од срцев удар. Дури и само две порции риба неделно можат да го намалат ризикот од смрт кај луѓето кај кои веќе се дијагностицирани кардиоваскуларни болести“.

Мазутот поевтинува, цената на бензините и дизелот не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53% во однос на одлуката од 7.5.2024 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,939%, кај дизелот за 1,523%, кај екстра лесното масло за 1,341% и кај мазутот намалувањето е за 3,608%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,015%.

Од 10.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 86,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 88,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 74,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 44,609 (денари/килограм)

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,223 ден/кг и сега ќе изнесува 44,609 ден/кг.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.5.2024 година.

Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Возило излетало од коловозот на патот Македонска Каменица - Виница, возачот починал

Патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, синоќа, излетало од коловозот на магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, по што на самото место починал возачот, а сопатникот се здобил со тешки телесни повреди.

Како што соопшти МВР, сообраќајната несреќа била пријавена синоќа во 22.20 во Полициската станица Виница.

-На магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, излетало од коловозот. На местото на несреќата од здобиените повреди починал возачот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Сопатникот Д.Г.(33) од Делчево се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје, наведуваат од МВР

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Виница.

Популарно