Денеска е Балаклија: И болните може да се излечат

Источен петок – Балаклија

Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“. Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

Кондак

Богоблагодатна Дево, од Твојот извор кој тече непрестајно, Ти ми даваш вода од Твојата благодат неискажливо. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да Ти повикувам: Радувај се, водо спасителна!

Светиот апостол Симеон

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострада имаше над сто години. Неговото страдање стана вака: во времето на царот Трајан беше покренато двојно гонење во Палестина – на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвинија Симеон како оној којшто им припаѓа и на едните и на другите. Свети Симеон претрпе големи маки и најпосле го распнаа на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужи на земјата.

Тропар

Тебе, свештеноначалнику Симеоне, и цврст маченику, ние те славиме свештено како близок Христов роднина, којшто ја уништи заблудата, и ја сочува верата. Поради тоа, празнувајќи го денес твојот сесвет спомен, примаме прошка на гревовите, по твоите молитви.

Кондак

Имајќи го богоглаголивиот Симеон како преголема ѕвезда, денес Црквата болска од светлина, повикувајќи: Радувај се, чесен венецу на мачениците.

Преподобен Стефан епископ Владимирски

Ученик на Св. Теодосиј Печерски. Едно време беше игумен на Печерската Лавра. Многу се потруди околу благочиното устројство на монашкиот живот и околу украсувањето на црквите. Но ѓаволот распали кај монасите злоба против него, па не само што го симнаа од игуменството туку и го протераа од манастирот. Бог Кој не ги остава праведниците под долга пониженост од неправедните, го упати животот на преподобниот Стефан така што го избраа за Владимирски епископ. Управуваше со Црквата како Божји архиереј до неговата старост. Мирно се упокои во Господ во 1094 година.

Тропар

Поучувајќи се од Пастироначалникот, ти блажен епископе, не даде на челадта наместо леб – камен, наместо риба – змија; туку трпеливо чекаше секој блуден син да се врати при Твојот и нашиот Бог пред Кого, о Стефане, постојано се молеше за спасение на заблудените. Затоа и сега за нас пред Него застапи се, ти кој венец невенлив носиш на небесата.

Преподобен Јован Исповедник

Игуменот на обителта на Чистите (Катари). Оваа обител беше устроена близу Никеја во времето на царот Јустин, во 6 век. Свети Јован многу пострада од царевите Лав и Теофил во одбрана на иконопочитувањето и заврши во прогонство околу 832 година.

Тропар

Непоколеблив војник против лагата на овој свет, Јоване преподобен оче наш, непомирлив остана докрај на животот земен, исповедајќи Го Христа и Иконата, пред зловерието на цареви и отпадници црковни. Спасителот благодат дарувајќи ти во подвигот храбар, молитвите твои при мачењата ги прими за целиот род човечки, кој денес чествување и поклонение ти принесува.

Денес се празнува Иванден, се верува дека е ден со магиска моќ

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.

Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.

Денес именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана..

Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на св. Јован Крстител.

Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празника ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред си со Сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак, исто така, се остаток од старите словенски верувања.

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци.

Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе рутишчата, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат.

И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити висет на дуќаните за да имает повеќе покупниции. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.

Во Разлошко празникот се викал Ињовден. Спроти празникот се правел венец од бело и жолто ињовче (бела и жолта ајдучка трева), а на самиот празник, откако стоката ќе се вратела од паша венецот се ставал на роговите од кравата, која потоа се молзела. По тој обред се верувало дека кравата ќе има млеко во текот на целото лето. По молзењето венецот се симнувал од роговите на кравата и се закачувал на чардакот каде што останувал до следниот Ињовден.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале Тајанее, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера.

Неколку причини зошто Острошкиот манастир е толку почитуван и сакан меѓу луѓето

Издлабен во карпа, чиниш лебди, издигнат над рајска шума, на надморска височина од 900 метри е домот на големиот чудотворец, Василиј Острошки, манастир кој секојдневно е прибежиште на илјадници верници кои тргаат по мир, здравје и чуда.

Верници од сите краишта, од сите вери, од деца до старци, сретнав додека го посетував овој манастир, посветен на еден од најголемите светци во православната вера.

За стотици верници овој манастир секојдневно е местото каде тие следејќи ја верата го пронаоѓаат лекот, мирот и спасението …се раскажуваат вистински приказни за инвалиди кои прооделе, за болни кои се излекувале, за жени кои по посетата станале мајка по долги години…секој за својата мака, велат, тука нашол лек.

Манастирот Свети Василиј Острошки датира од 17 век и е сместен во карпест крај во Црна Гора, помеѓу Никшиќ и Подгорица. Ова свето место во текот на целата година е најпосетено светилиште во Црна Гора, а после Христовиот гроб и Светата гора, ова е третото најпосетено светилиште во христијанскиот свет. Што уште повеќе говори дека чудата на овој светец се вистински.

Самиот пат до манастиот е предизвик. Ние стигнавме околу пладне. Со автобус може да се стигне само до Долниот манастир, а оттаму со автомобил или такси за кое плаќа едно евро. Но, верниците милуваат да одат пеш, како и самиот чудотоврец. Велат и ден-денеска тој чекори по таа тесна камена патека во срцето на шумата. Како и светецот, многумина тргаат пеш, но и боси. Постарите велат дека треба да се оди бос, во почит на светецот, но и за здравје и за спојување со природата и верата, бидејќи ова е света траса по која Василј одел секојдневно, како и целиот карпест крај е свето место. Одев пешки, но е и боса. По околу 40-минутно пешачење стигнавме на врвот. А таму оние кои одеа боси велат дека не почуствувале ни болка, ни студ, сепак е студен октомвриски ден.

А горе не’ пречекаат многу верници, полека се сместуваа да ја поминат ноќта во довор на манастирот…ќебиња, перници, јоргани, душеци, млади и стари, лица полни со надеж…

За човекот кој животот го посвети на верата

Свети Василј Острошки е чудотворец кој лекувал болни и кој и покрај заканите од тогашните турски власти, никогаш не се откажал од вербата во Бога. Тој е роден во селото Мркоњиќ, Попово Поле Во Босна и Херцеговина на 28 декември 1610 година во сиромашно семејсто. Уште од мали нозе, родителите го учеле на скромност, на духовно богаство и вера. Роден како Стојан, растел пасејќи овци, учен од своите за Бога, за соживот и за несебичност. За да го заштитат од турскиот аскер кој ги земал машките деца за јаничарската војска, неговите го праќаат во манастир, каде и останал до крајот на животот, а потоа бил прогласен и за светец. Монашкиот живот го почнува под закрила на својот чичко, игумен Серафим во најблискиот манастир. По замонашувањето го прима името Василиј. Животот го поминал меѓу народот, зачувувајќи ја верата во опасните времиња, служејќи му на Бога и посетувајќи манастири. Честопати бил напаѓан од неверици, од турската војска, од непријатели, но тоа не му била пречка во неговата благородна мисија за зачуваување на верата меѓу народот. Починал на 29 април 1671 година во манстриот Острог.

Чудотворната лоза израсната во карпа

Најголемиот дел од својот живот чудотворецот го поминал во овој манастир. И ден-денеска, неколку века по неговата смрт, на местото каде што починал, во неговите одаи, расте винова лоза сред карпа. Ова е вистинско чудо. Се раскажува дека оваа лоза изникнала на денот на неговата смрт сред карпа, без вода, без семе и без земјиште, како сведок за моќта на светецот.

Многу жени раскажуваат декаа токму плодовите на оваа лоза им помогнал да зачнат живот, отакако изгубиле надеж дека некогаш ќе бидат мајки.

Прогласувањето за светец

Телото на Свети Василиј монасите го погребале во гробница под црквата Воведение на Мајката Божја, а верниците доаѓале на неговиот гроб да се молат за здравје и помош. А чудата секојдневно се случувале. Седум години по неговата смрт, светецот му се јавил на сон на тогашниот игуман на манастирот Свети Лука во Парохијата во близина на Никшиќ. Тој го игнорирал сонот, но светецот продолжил да му се јавува. Тој на сон побарал од него да го откопа неговиот гроб. Како што ми раскажаа, по третиот сон игуменот решил да го стори тоа. Заедно со монасите го сториле тоа и останале зачудени. Неговото тело не било воопшто распадното, било жолтеникаво и мирисало на босилек. Тогаш тие сфатиле дека овој човек навистина е светец. На 12 мај тој бил прогласен на светец и тој ден е негов празинк во негова чест. Неговите мошти се пренесени во малата црква пред манастирот, каде секојдневно, верници се молат за здравје, а луѓето се сведоци за чудата и моќта на верата.

За чудата, за моќта, за верата

Но, она што го ги спои верниците, но и скептиците од целиот Балкан, но и пошироко се чудата кои секојдневно се случуваат во ова свето место. Додека патуваме накај манастирот слушанав многу приказни за чуда кои се случиле. Многу болни, толку болни што дури и докторите не им даваат повеќе надеж ја повратиле силата откако поминале ноќ под ведро небо во дворот на манастриот посветен на светецот. Речеси скојдневно стотици верници се одлучуваат да спијат во манастирот за здравје, за среќа, за спокој и мир на душата. Во склоп на манастирот има и конаци, но бидејќи тие се доволни за многубројните верници, повеќете од нив спијат под ведро небо, чувани од чудотворецот Василиј.

Според обичаите, кога некој го посетува манастирот треба со себе да понесе нешто, најчесто оставаат дар машки чорапи и шеќер во коцки. Оној кој милува може да си освети нешто за во домот. Најчесо се носат маички, пешкири и чорапи.

Стигнавме околу 14.30 часот, и речиси час и половина чекавме да влеземе во малата и стара црква каде се сместени моштите на светецот. Како што е ред, ги оставивме подароците, а со нас го понесовме она што требаше да се освети. Понесовме наши работи, но и работи за болни пријатели, кои ете по нас побараа здравје. Мир, сонце, тишина, сите мирно чекаа да им дојде редот…а во тие час и половина ни жед ни болка во нозете, само некое спокојство кое ја спојува таа огромна бројка на луѓе дојдени за иста цел.

Црквата е навистина мала, а во неа еден отец кој ако побарате ќе ви прочита и молитва за Вашата мака. Ни рекоа да не се задржуваме многу бидејќи редот на посетители беше навистина долг. Се поклонивме пред моштите на светецот, се помоливме и го допревме тоа што требаше да се освети.

Лица искрени, намачени, Македонци, Срби, Бругари, Руси, дури и француски и англиски слушнав во дворот на манастриот преполн со луѓе дојдени со верба.

Раскажуваат како некој проодел откако неговата мајка секојдневно се молела на светецот, други кажуваат за болни кои станале од постелата, трети пак велат дека чудотворецот им помогнал да станат родители.

Мир и спокојство, чиниш душата ти се смирирува и се спплотува со небесната шир која го опкружува ова свето, ова чудотворно место.

„Животот ми тргна на подобро откако преспав во манастирот“

Една од сопатничките, скопјанката Билјана отворено ми раскажа вербата во чудата на Василиј Острошки и за нејзинито искуство, за кое таа вели, „ми го промени животот“.

Таа раскажува дека честопати слушала за манастирот, но некако без многу верба игнорирала. Прв пат ја видела турата за посета на Фејсбук, но само одминала. Вториот пат кога повторно ја видела некако се заинтересирала, а веќе по трет пат вели таа, кога се појавила, нешто како да на натерало да тргне. Не можејќи да најде друштво, тргнала сама, решена да преспие.

„Стигнавме и имаше неколку стотици луѓе“, ја почнува таа својата приказна додека се враќаме од манастирот, сите поспокојни. Таа вели дека кога стигнала немало место во конаците, па решила да преспие во дворот, како и многумина други. Вели дека воопшто не била подготвена, ни ќебе, ни перница.

„Оттаму ми дадоа неколку ќебиња и перница, а и душеци за да постелиме. Нормално, никогаш не ми легнала на нешто неперно, а тогаш воопшто не почувствував ни гадење, ни грижа, вооптш не ни помислив колку луѓе ги користеле пред мене“, се потсетува Билјана. Вели дека си легнала околу 20 часот.

„Толку луѓе на едно место, а толку беше мирно и спокојно“ – вели таа и додева дека највоодушевувачки момент и било кога влегла во одајата со моштите. „Бевме околу пет лица заедно. Молчевме и стоевме. Наеднаш сите во ист миг се свртевме и излеговме, без никој збор да каже. Беше тоа магичен миг, како на прочистување, на препородување“.

Додека раскажува се насмевнува, искрена е и вели дека на сите им кажува за своето посетување на манастирот и вели дека треба самите да ја почувствуваат неговата моќ. Таа се сеќава дека до неа спиеле мајка и две дечиња, околу три и петгодишна возраст. Се сеќава колку биле тие мирни, послушни и воопшто не биле исплашени што спиеле надвор таа ноќ.

„Се разбудив околу 2 часот по полноќ, а се чувствува како да сум спиела повеќе од десетина часа. Рано утрото ја посетив литургијата и се чувствува толку убаво, смирено“.

Билјана раскажува дека секоја ноќ по неколку стотици луѓе преспиваат во манастирот и во конаците и дека никој никогаш не се пожалил на студ, на болка, на страв.

„Тоа е еден мир и енергија која мора да ги доживееш“ вели таа, која додава дека после преспивањето нејзиниот живот тргнал на подобро.

Додава дека ова и втор пат, и дека ќе го посети манасирот уште еднаш, бидејќи според обичаите, мора да е непарен број на посети.

По нејзина препорака и прекраснот искуство, нејзина пријателка која немала деца преспала во манастирот, и следната година родила детенце.

Чудна е вербата, уште почудни се искуствата на верниците, но како што велат, за арно е…чудата секојдневно се случуваат, а многуброните реки посетители на овој манастир говорат дека таму чудата се вистински и дека моќта на овој светец е голема.

Она што е интересно, а воедно и уште чудо, е што секоја година му ги менуваат чевлите на светецот бидејќи ѓоновите се излитени. Верниците велат дека тој и ден-денеска шета меѓу народот одговарајќи на молитвите, помагајќи на болните и зајакнувајќи ја верата. Самиот предел околу манастирот и како да се стигне до него е стрмен и опасен, но велат ,тука никогаш не се случила сообраќајна незгода бидејќи светецот го чува овој крај.

Голема е моќта, вербата и чудата, а ако верувате посетете го ова свето место во карпата и самите почувствувајте ја таа моќ, тој мир и спокјство кое ви ја полни душата со нешто преубаво.

Денес е Духовден – Слегување на Светиот Дух и роденден на Црквата

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден). Педестница спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Педестница итн.

Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Духовден го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“. На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Популарно