Три жени пронајдени починати на различни локации во Скопје

Министерството за внатрешни работи информираше за три одвоени случаи, во кои три жени на различна возраст биле пронајдени починати на различни локации во Скопје.

Во првиот случај, завчера во 21:00 часот, СВР Скопје доби пријава дека во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била пронајдена почината М.А. (61). Од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатата било предадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Во вториот случај, исто така завчера во 13:06 часот, СВР Скопје беше известен од Итната медицинска помош дека во службени простории на здружение, на подрачјето на општина Аеродром, починала Ѓ.А. (76) од Велес. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција.

Во третиот случај, завчера во 21:20 часот, СВР Скопје доби пријава дека во куќа во село Средно Коњари, скопско, каде престојувала, била пронајдена почината В.Ц. (37) од Скопје. Од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција.

Во сите три случаи, полицијата презема дополнителни мерки, а телата на починатите се предадени на обдукција за да се утврдат причините за смртта. 

Паркингот во Центар утре нема да се наплаќа

ЈП Паркинзи на општина Центар преку соопштение известува дека по повод претстојните празници паркирањето во Општина Центар ќе биде без наплата за сите граѓани.

„Согласно Одлуката на претпријатието, на 01.01.2025 година (среда) сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе бидат без наплата. Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 02.01.2025 година (четврток) со вообичаено работно време. Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците како и паркиралиштето Дилајла кое е со автоматска наплата“, се вели во соопштението на ова јавно претпријатие.

Почнува зимскиот распуст, ќе трае до 20. јануари

За учениците во основните и средните училишта почнува зимскиот  распуст од учебната 2024-2025 година. Наставата од второто полугодие ќе продолжи на 20 јануари.

Учебната 2024-2025 ќе заврши традиционално на 10 јуни. Нема да биде продолжена како минатата учебна година, кога за основците заврши на 17 јуни,  бидејќи ќе нема пролетен распуст кој беше воведен лани (29 април – 6 мај 2024).

За оваа одлука Министерството за образование и наука во оваа учебна година анкетираше наставници, родители и ученици од повисоките одделенија и, како што информираше, мнозинството се изјасниле дека не сакаат пролетен распуст.  

ЈСП со известување за возниот ред за празниците

ЈСП информира дека денеска, вторник (31.12.2024 год) ќе се работи по редовен зимен возен ред.

Утре (1.01.2025 год) јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред, при што на 1. јануари, првите вклучувања на возилата на ЈСП СКОПЈЕ и приватните превозници ќе бидат подоцна од воообичаеното, а останатите согласно неделниот возен ред.

Од четврток (2.01.2025 год) јавниот превоз ќе сообраќа по редуциран делничен зимен ред, кој ќе важи до крајот на зимскиот училиштен распуст.

Работно време на билетарници и центри за персонализација;

Во среда (1.01.2025 год) билетарниците и центрите за персонализација, нема да работат. Од четврток (2.01.2024 год) продолжуваат со вообичаено работно време.

Жичницата на 31.12.2024 год ќе работи вообичаено, од 10 до 17 часот, а на 1 јануари од 11 до 17 часот. 

Популарно