ДОГОВОР ВО МЕТАЛУРГ: Кој останува, кој си оди?

8 часовните состаноци со прекини помеѓу сопственикот на клубот Минчо Јорданов и ракометарите на Металург завршија со добар крај.

481

Клубот треба да обезбеди нов стратег, а од јануари и нови играчи, затоа што овие услови не биле прифатливи за странците и затоа тие нема да патуваат во Логроњо. Уште еден чекор од мртвата точка е едната плата која ракометарите ја добиле денеска, од четирите кои клубот им ги должи.

Сепак, страната која попушти за главниот спор во конфликтот се ракометарите. Тие се потпишаа дека нема повеќе да играат под водство на Лино Червар, а во период од еден месец ги очекуваат четири натпревари од Лигата на шампионите, кои всушност се суштински и ќе го оцртаат остатокот од сезоната. Во недостаток на конкретни детали од преговорите, останува прашањето каква е таа гаранција што ракометарите ја добија од клубот, за да го сменат мислењето и да ја вратат вербата во ветувањата.

Сепак, најважно е тоа што македонскиот шампион ќе се појави на меѓународната сцена и нашиот ракомет нема да трпи казни. Во ваква ситуација, резутлатот останува во втор план, а тешко дека ќе биде охрабрувачки со оглед на тоа дека во Логроњо ќе ги нема Атман, Ѓукиќ, Циндриќ, Марсениќ, Борозан и Коциќ и Липовина кои уште претходно си заминаа и раскрстија со Металург.

Македонските ракометари, пак, самите си знаат дали овој „дил“ е доволно добар за да ги одржи нивната форма и дух до јануари, кога следува најважната обврска – настапот на СП во Катар со репрезентацијата на Македонија.

Коментари

Популарно