Дали студентите ја манипулираат јавноста?

Во недостиг на бомбастичен настан, вреден за моето време и тастатура и по барање на личност блиска на Zase.mk и оваа недела решив да пишувам за „државниот испит“ и протестите на студентите. Настан или ако сакате проблем, кој веќе 30 тина дена е една од главните теми на сите медиуми. Сите знаеме дека државата сака да воведе „екстерен тест“(и државниот испит е ЕКСТЕРЕН) со кој ќе го тестира знаењето на студентите и дека студентите не го сакаат тоа, но дали ги знаете аргументите и барањата на студентите до Владата? Дали знаете зошто студентите во голем број излегоа на улица и го дигнаа гласот?

B2pCjHhCcAEC6Le

За да го знаете одговорт на овие прашање треба да ги прочитате барањата, односно дописот од студентскиот пленум до Владата. Овој документ на 5 страни, иако презентиран од речиси сите пишани медиуми, ретко кој од вас го погледнал. Искрено и јас штотуку го прочитав и многу се разочарав. Очекував дека кога на улица имате 10.000 студенти, 10.000 репрезенти на интелектуаната младина во овие 5 страни ќе прочитам и нешто реално, искрено и прагматично. Но, освен неколку моменти во кои апсолутно се слагам со студентите, другото е криење зад уставот со цел да не се изложат на проверка на знаењето, кое секако е цел на секое студирање.

Во овие 5 страни тие постојоно се повикуваат на упад на државата во автономијата на универзитетите, која е загарантирана со уставот на РМ. Нема тука ништо спорно, така е. Државата со овој предлог апсолутно навлегува во автономијата на носитеите на високото образование. Дали тоа Владата ќе го признае или не, за мене е небитно. Факт е дека државата ги остави факултетите да бидат автономни, отвори нови факултети, дозволи отварање на многу приватни универзитети и сето тоа функционира ОЧАЈНО! Факт е дека имаме релативно „неписмени“ дипломирани сограѓани. Само јас знам неколку дипломирани Македонци кои не знаат таблица множење. Не ова не е шега, ова е реалноста. Македонските факултети личат на курсеви кои може да ги заврши малку попаметно растение. Но, уште полошо е што сликата се влошува секоја година. Затоа ја оправдувам иницијативата на Владата да го реши овој проблем. На крајот уставот е документ направен под договор и истиот може да се промени, доколку се увиди дека договорот не соодвествува со состојбата.

За издвојување во „барањето“ на судентите се само два моменти:

1. Се бара дискусија со Владата за воведување на „државниот“ испит, иако самото барање е малку контрадикторно, бидејќи од една страна се бара дискусија, а од друга укинување на иницијативата на Владата за државен испит.

2. Големите ингеренции на Министерот и начинот на подготовка на државниот испит. Искуството кажува дека кога на еден човек ќе му се дадат големи ингеренции, неуспехот е загарантиран. Од друга страна нашето искуство со резултатите од екстерни тестирања исто така покажуваат дека методот е многу погрешен, а луѓето кои се избрани во овие тела се неадеватни.

Она што посебно загрижува, дури и во овие две точки е отсуството на понудено решение. Студентите не даваат предлог, туку само го одбиваат неофицијалниот предлог на Владата. Тие не бараат решение, туку маршираат против иницијативата. Но, најголемиот „грев“ на студентите не е криењето зад Уставот, ниту недостатокот на креативност и идеи, туку очигледната желба системот да не се менува. Чувството дека македонската интелектуална младина не сака промена, туку лесни дипломи е разочарувачко, барем за мене. Вака маршот личи на борба за заштита на автономијата на Универзитетот, а не на марш против „државен испит“. Ако е така, кој кого манипулира? Студентите ја манипулираат јавноста или тие се манипулирани од некој друг? Одговорот е неважен затоа што никогаш, апсолутно никогаш, една манипулација не дала позитивен резултат, па нема ни сега.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно