Заев ќе објави приватен разговор на Црвенковски и Шекеринска?

Дваесетина дена по започнувањето на „пуч“ и објавувањето на првите бомби на Заев, Македонија сеуште живее под стрес. Дваесетина дена неизвесност, контрадикторни информации, клевети, прислушкувани разговори, напади, здруженија за одбрана на Македонија ... а крајот не се ни насетува. Секојдневно тв дуели, политички емисии, мислења на експерти и аналитичари, и секако две контрастни страни на вистината. Онаа на Владата и вистината на Заев.

crvenkovski-sekerinska

И додека Владата јасно и недвосмислено го кажа својот став, дека „пуч“ ќе се решава во институциите на државата, односно на суд, уште не е јасно каде Заев ја бара својата вистина. Човекот опозиција, постојано изјавува дека нема ни малку доверба во институциите, но сепак поднесе кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање. За парадоксот да биде поголем, истата пријава не од името на Заев, туку од СДСМ! Сето ова не би било чудно доколку Заев многу пати до сега не напомена дека само тој ги има доказите за прислушкување, а не целата СДСМ.

Уште еден парадокс е поврзан со бројот на прислушкувани луѓе и посебно со бројот на прислушкувани разговори. Првата бројка според изјавите на Заев се движи од 20.000 до 26.000 луѓе. Нејасно е од каде таа разлика од 6.000 луѓе, но оваа тема беше обработена од многу медиуми, па нема да трошам време на истото. Поинтересни се оние 1.500.000 снимени разговори кои ги поседува лидерот на СДСМ, а за кои Заев вели дека само тој ги преслушал. Не треба многу познавање на математика за да израчунате дека доколку просекот на должината на разговорите кои ги поседува Заев е 3 минути, потребното време за еден човек да ги преслуша сите разговори  е осум и пол години. Секако оваа бројка е доколку истиот никогаш не спие и постојано слуша разговори. Јасно е дека Заев не ги преслушал сам разговорите.

Отука има само неколку опции:

1. Заев овие разговори ги споеделил и со (тим) други луѓе.

2. Некој друг (служба) ги преслушала и обработила разговорите, а Заев добил се на тацна.

3. Не постојат 1.500.000 разговори и 20.000-26.000 прислушкувани луѓе.

4. Заев не ги преслушал ни 1/8 од разговорите.

Која и да е вистината, сигурно не е онаа која упорно ни ја сервира Заев. Од друга страна, секоја од овие опции отвара многу прашања. Ако не се 1.500.000 фајлови, колку се? Ако му помогнал тим или служба, кои се тие луѓе, кога веќе Заев кажа дека не се од СДСМ? Ако на ова се додаде дека во тие фајлови, според тврдењето на лидерот на СДСМ, најголем број од разговорите се токму на членовите од неговата партија, зошто барал помош надвор од партијата? Зарем нема доверба во своето членство? Ако тој нема доверба во СДСМ, зарем тие имаат во него? Можеби токму затоа Заев иако вети, сеуште не им ги дава фајловите со нивните снимени телефонски разговори. Друга причина искрено не ми текнува. Во целава ситуација Заев се обидува да ја престави Владата, посебно Груевски како диктатор и режим. Луѓе кои не прислушкуваат и ни го нарушуваат мирот и слободата. Досега не понуди ниту еден доказ за тоа. Освен неколку телфонски разговори на кои можевме да чуеме како Мијалков му фаќа сеир и му се сити на Бошковски, и како се шегува Министерката Јанкуловска, не слушнавме ништо. Во некои од разговорите се зборуваше за притисок врз судии, но не ни ги презентраше разговорите со судиите, па да слушнеме како тој притисок навистина звучел. Се остана на муабет меѓу пријатели кои се на високи јавни позиции.

Од друга страна, засега Заев не понуди ниту еден разговор од опозиционер. Зошто? Зошто досега не слушнвме разговор меѓу видни ликови во СДСМ? Тие сигурно не разговараат за криминал по телефон? Па нели тој се залага за демократија, еднаков третман. Вака ли изгледа тоа? Зошто не ни презентира разговор на Шеќеринска и Црвенковски на некоја битна тема, па да го слушнеме и нивниот приватен вокабулар? Ако Заев се залага за „слобода на Македонија“ досега требаше да го докаже тоа.

За крај, Заев не нуди решение на кризата. Тој има цел, но не и стратегија како до неа. Или барем нас не ни ја кажува. Целта е секако власта, но како до неа? Струмичкиот градоначалник упорно бара техничка Влада, а знае дека нема да ја добие. Изјавите дека народот не верува дека Владата може да организира фер и демократски избори се само пуста желба. Заев нема доказ за тоа тврдење, напротив последните неколку избори се оценети како фер и демократски од сите релевантни меѓународни институции. Затоа Македонија 6 години по ред добива препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ од Европската Комисја. Тоа е факт!

Сепак не е се така негативно околу „пучот“. Притисокот направен на нелегитимен начин врз Владата од страна на Заев, донесе и неколку позитивни резултати за народот. Па така, студентите се изборија за преговори и комплетно нов закон за високо образование. Со ова воопшто не сакам да и ја намалам заслугата на младината на Македонија, но многу е веројатно дека ако не се случеше „пуч“, во најмала рака протестите на студентите ќе требаше да траат многу подолго. Тука е и промената на законот за хонорарците, најавата за намалување на старосната граница за пензионирање... Опозицијата направи притисок, граѓаните изразија незадоволство, па Владата мораше да реагира. Всушност вака функционира секоја демократија во светот, со единствена разлика во методите на опозицијата. Во западниот свет опозицијата делува во Парламентот, а кај нас на улица со приватни телефонски разговори. Замислете, ако сега за само 20 дена Владата промени неколку свои одлуки, како ли ќе беше ако навистина имавме конструктивна и спремна за демократска битка на опозијата во последниве 9 години? Замислете Заев да престане да држи пресови и наместо тоа да се врати во Собрание, а фајловите да ги даде на суд. Замислете СДСМ да направи програма за следните ибори... Замислете да не е цел власта, туку доброто на Македонија и народот кој живее во неа.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно