Сопственичката на штедилницата ТАТ ги измамила и им земала 615.000 евра!!!

Нови три ипол години затвор доби сопственичката на пропаднатата штедилница „ТАТ“ откако битолскиот Суд ја прогласи за виновна за кривично дело измама. Овој пат во нејзината измамничка мрежа се заплеткале уште четворица битолчани, пишува Нова Македонија.

tat

Во периодот од 2005 до 2006 година од четири лица таа преку измами дека ќе им ги врати заробените пари и дека ќе им ги вработи роднините успеала да земе неверојатни 615.000 евра.

„Во овие измами, од она што може да се прочита во пресудата, најмногу настрадал В.Ч. од битолското село Кравари. Имено, Соња Николовска во неколку наврати од него и неговата сестра зела на заем вкупно 350.000 евра, кои наводно ѝ биле потребни за рестартирање на свиларницата „Илинден“ со некои израелски инвеститори. Убедувајќи го да ѝ позајми пари за рестартирање на свиларницата, која по стечајот му припадна на поранешниот прв даночник на Македонија, Сашко Станинов, Соња Николовска на В.Ч, покрај тоа што му ветила дека ќе му ги врати парите со камата откако ја рестартира свиларницата, му дала ветување и оти ќе ги вработи и неговата сопруга и децата.

Во пресудата до која успеавме да дојдеме се споменува и тоа дека Николовска му кажала на битолчанецот оти судот во Стразбур ѝ ги вратил имотот и одземеното злато, како и тоа дека наскоро требало да почне да работи и печатницата „Два саат“, чиј сопственик бил нејзиниот сега веќе покоен сопруг, Стерјо Николовски. Оштетениот поверувал на нејзините зборови, па ја убедил и својата сестра да ѝ помогне на Николовска. Во периодот од јуни 2006 до мај 2007 година, неговата сестра во седум наврати ѝ позајмила поголеми суми пари. Најпрво ѝ дала 50.000 евра, а по два месеца ѝ дала уште 60.000 евра. Заемите што ги земала Николовска не запреле овде. Имено, во октомври и декември таа им зела уште по 40.000 евра.

Барањето пари на заем, кои наводно биле потребни за рестартирање на свиларницата „Илинден“ со израелските инвеститори, продолжило и понатаму. Во март 2007-та, Николовска од братот и сестрата позајмила 30.00 евра, следниот месец уште 35.000, за во мај да го земе и последниот заем од 15.000 евра.

Како што дознаваме од нашите извори, кога вкупниот износ достигнал сума од 300.000 евра, тие престанале да ѝ даваат пари, бидејќи се посомневале во приказната што таа претходно им ја раскажувала.

Според пресудата, служејќи се со истите лаги дека судот во Стразбур наводно ѝ ги вратил имотот и златото, Соња Николовска позајмувала пари и од лицето А.Ф., исто така во неколку наврати. Како и В.Ч, така и А.Ф., верувајќи ѝ на нејзините слатки ветувања, во седум наврати ѝ позајмил на Николовска вкупно 250.000 евра.

Убедувајќи дека итно ѝ се потребни пари, кои ќе ги врати откако ќе го продаде имотот што го има наводно скриено од стечајната маса, Соња Николовска во 2006 година измамила уште еден битолчанец. Од него зела 12.000 евра.

Списокот на оние што „наседнале“ на лагите го затвора и нејзиниот братучед. Од него позајмувала во два наврата, прво две илјади евра, а потоа уште 100 евра. Изговорот што го користела овој пат бил дека ѝ се потребни пари за операција на нејзиниот сопруг и притоа се жалела дека буквално немаат што да јадат дома.

Откако четворицата битолчани сфатиле дека се измамени од Соња Николовска, ја пријавиле и повеле судска постапка.“ – пишува Нова Македонија.

Коментари

Популарно