Кога прв пат ќе кажеш „Те сакам“

Мал дал од нешто поголемо, интимно и сеуште недовршено...

og3123201505152106318

- Ќе молчиш цел пат?

- Извини, се замислив нешто.

- Ха ха, а што се замисли?

- Не знам...ништо.

- Аха, мислиш дека погрешно постапив. Добро, кажи ми зошто сум јас крив, кога го направив истото што и тој, само јас му го направив него. Или тоа е грешката, што му го направив токму него?

За прв пат го погледна во очи откако тргнаа кон дома, и се зачуди кога во неговиот поглед не виде лутина. Напротив беше толку благ. Во истиот поглед што пред петнаесетина минути беше толку суров, немаше ни трага од агресија. Но знаеше дека тоа може да се смени во следниот миг. Го имаше искусено неколку пати. Во тие мигови се плашеше од него. Го познаваше повеќе од десет години и знаеше дека никогаш не би ја повредил, напротив покрај него се чувствуваше најсигурно, но кога ќе ја погледнеше толку ладно и се отсекуваа нозете. Во тие моменти имеше чувство дека тој не е тука. Исчезнува, а на површина излегува ѕверот кој спие во него. Тој така го викаше „ѕвер“, но на неа и личеше на нешто пред се многу помрачно. И самиот и имаше кажано дека во тие моменти не може да ја контролира енергијата што излегува од него. Тоа ја плашеше највеќе, бидејќи тој сакаѓе се да му биде под контрола и воглавно успеваше. Можеше само да замисли ако таа која го познава најдобро во тие моменти се плаши од него, низ каков ужас поминал денеска Сашо.

- Не, му одговори кратко со цел тука да заврши разговорот, иако знаеше дека тоа е скоро невозможно.

- Не сакаш да ме прашаш или не сакаш да знаеш?

- Добро. Кажи ми зошто му го направи тоа пред целото друштво. Зошто мораше да го посрамиш пред сите? Тој тебе ништо не ти направи!

- Точно. Мене не ми направи ништо, само затоа што не може. Но, му направи на првиот послаб од него. Тој го посрами него, а јас му вратив.

- Зошто? Зошто мораше да се мешеш?

- Затоа што не можам да поднесам насилничко однесување. Однесување по правило на посилниот. Однесување прифатливо само за во џунгла.

- Па ако не можеш, зошто го направи истото?

- Јас ништо не направив. Тој ја започна играта. Тој ги постави правилата на игра. Јас само доиграв, а тој изгуби.

Сега веќе не се движеа. Стоеа на местото каде секој ден се среќаваа и разделуваа.

- Повторно ти со твоите правила на игра. Па зарем во твоите правила на игра, ништо не значи тоа што Сашо ми е мене другар?

- Тој не ти е другар и никогаш нема да ти биде, затоа што и не знае што значи тоа. Тој е само еден обичен, изгубен кретен.

Ова беше еден од оние разговори во кои те не можеа да се сложат за ни за една точка, еден факт, а камо ли за целиот разговор. Еден од оние разговори при кои и двајцата се нервираа. Разговор кои завршуваа со многу тешки зборови. Но, овој пат тој беше необично смирен, а таа го забележа тоа и уште повеќе се вознемири. Повеќе не можеше да ги задржи солзите и зборовите...

- Те мразам! Има моменти кога не можам да те гледам. Ми се гади од тебе!

Викна и појде. Не знаеше што ја вознемири повеќе. Денешниот настан, овој разговор или тоа што тој не се вознемири. Нешто во него е сменето. Тој е сменет! А таа не знаа што е тоа или која е причината.

Стоеше и ја гледаше како заминува расплакана. Го имаше ова видено повеќе пати, но сега за прв па вистински го заболеа нејзините зборови. Сега беше поинаку... ништо повеќе не е исто. Кога веќе беше на безбедна оддалеченост тивко рече:

- Те сакам, за прв пат во својот живот.

Нешто во него е сменето. Тој е сменет... но таа не остана доволно долго за да чуе дека токму ТАА е причината.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно