Прв Македонец кој победи на Охридскиот пливачки маратон - Евгениј Поп Ацев

Евгениј Поп-Ацев е победник на 29. Охридски пливачки маратон што заврши предмалку на патеката од Свети Наум до градското пристаниште, во должина од 30 километри. Со време од пет часа, 39 минути и 42 секунди ја оствари првата победа на еден Македонец на овој маратон, за што заслужено го доби ловоровиот венец од покровителот на трката, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

evgenij6

„Се надевав дека можам да победам. На почетокот ми беше тешко, но со текот на трката пливав сѐ подобро и кога видов дека имам шанса, ја сменив тактиката во финишот. Ова е еден од најубавите моменти во мојата кариера“„ изјави Поп-Ацев по трката.

Со тоа, тој ја зазеде водечката позиција во генералниот пласман со 38 бода на Гран-при серијата на отворени води на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА). Се разбира, ФИНА ќе треба да ги официјализира овие резултати за пласманот во вкупниот поредок да биде валиден.

На второто место беше Аргентинецот Дамијан Блаум, но беше дисквалификуван поради кратење на патеката во финишот, па второто место го освои Бразилецот Матеуш Еванжелишта со време 5:39:48 часа, а трет е Томи Стефановски, кој заостана шест секунди зад второпласираниот.Добра вест е што конкурентите на Поп-Ацев за вкупен пласман, не се вклучија во поделбата на медалите.

Во женска конкуренција победи Аличе Франко од Италија, која патеката ја исплива за 5:44:03 часа, пред Русинката Ана Манкевич и Шпанката Естер Нуњес-Мореро.

maraton

Стефановски ги освои првите девет бода во вкупен пласман, зашто на првите два маратона во Аргентина и Мексико не настапи, а на третиот, во Канада, не ја заврши трката. Поп-Ацев и Стефановски лани го поделија второто место во конечниот поредок на Големата награда на ФИНА.

И покрај водството на Поп-Ацев, тој сепак ќе мора да го брани во финалната трка, закажана за в сабота, на патеката Капри - Неапол. Сепак, шанса постои нашиот херој на разбрануваните води конечно да стане светски првак, по две вицешампионски титули и две бронзи.

Поп-Ацев беше во групата од девет маратонци кои влегоа во завршницата пред свртувањето кај црквата Свети Јован кај Канео.

На стартот на трката временските услови беа поволни, но веќе кај Заум ветрот и брановите им задаваа проблеми на натпреварувачите. До бовата кај Градиште, во водечката четворка беа тројца Македонци, а ја предводеше помладиот Александар Илиевскии. Зад него беше Итаијанецот Симоне Ерколи, а Поп-Ацев и Стефановски држеа одлично темпо.

извор:sportmedia.mk

Коментари

Популарно