Кој ќе си оди од Вардар? Комити, Манасков или управата?

До вчера и мечот со Колдинг во Данска, Вардар имаше перфектен скор во Лигата на Шампиони. Денеска го расипа и 100% учинок и во СЕХА, по поразот од Загреб во Хрватска, но вистинските предизвици допрва доаѓаат.Првиот вистински тест на домашен терен против е следната недела против Кјелце во ЛШ. Полскиот првак никогаш не загубил во ЛШ од македонски тим. Единствен тим што го победил е Пелистер во 90тите, но и тоа не е во ЛШ. Но, овој пат нема да пишувам за поразите или победите на Вардар, туку за најголемиот проблем во црвено-црниот табор.

komitite-udrija-po-manaskov-134976

И покрај поразите, играчите веруваат во Фајнал фор, публиката посакува и трофеј, а управата... не си ја работи работата. Доказ за тоа е што и по 11 одиграни натпревари Манасков игра само на гости или ако мора. Идното најдобро лево крило во светот, најталентираниот млад македонски ракометар грее клупа затоа што Комитите го свират! Неколку пати имам пишувано за навивачката група на Вардар и сите го знаат моето мислење за нив, но моето мислење во моментов е неважно. Многу порелевантно е мислењето на играчите на Вардар, на пример Македа, кој вели дека дошол во црвено-црно Скопје заради атмосферата. Штербик жалеше што Комитите не беа на натпреварот со Пиг Сегед, а Горбок ги фалеше по мечот со Некар. И другите играчи на Вардар сакаат полна Јане Сандански со Комити на трибини. Знаат дека атмосферата ги плаши противниците, а на ним им дава дополнителна сила. Но, играчите исто така го сакаат и Дејан на терен. Секоја чест на Дибиров, човекот е светска класа, но тоа важи и за Македа, па тој ја дели минутажата со Душебаев. И Шишкарев е одличен, но игра и Брумен. Штербик е еден од најдобрите голмани во историјата на ракометот, но неговата замена, Ангелов, иако не се прослави со Колдинг, ни ја донесе победата со Некар. Дибиров не може да игра 60 минути на секоја средба без тоа да се рефлектира на неговата форма. Го знае ова Раул Гонзалес, но човекот е немоќен. Тој својата работа ја работи перфектно, но управата не ја работи својата. Зарем не знаеа дека купувањето на Манасков ќе предизвика бура на трибината каде седат „најверните“? Или пак мислеа дека ќе помине? Пред неколку дена имаа состанок со Комити, на кој се донесе позитивна одлука, Вардар посредно да го финансира лекувањето на еден член на навивачката група, но на истата не успеале, ниту се обиделе да го решат проблемот со Манасков!

Ова не е моја работа, но еве кога веќе не сакате да си ја сработите, ќе ви дадам неколку опции:

1. Компромис на Манасков и Комити

Комити упорно укажуваат дека бараат само извинување од Манасков и срамно го третираат својот играч. Јас не го знам Дејан лично и не знам што човек е и зошто не сака да се извини, кога со своите дела веќе го направи тоа. Дејане ти играш во Вардар, што значи дека „Вардар НЕ Е само река во Скопје“. Другар ти си платен со „рубљи“, па не гледам што е проблемот да кажеш дека си згрешил кога си дал изјави со кои си го навредил реномето на црвено-црниот дрес. Истиот дрес што сега секој ден го носиш. Никој од тебе не бара да клекнеш пред Комитите и да бараш прочка, ниту да им се извиниш. Туку да му се извиниш на Вардар и да го кажеш очигледното, дека Вардар е голем клуб, европски бренд. Тоа е се! Она со навредување на Комити, среден прст или што ти ја знам, и тие тебе те вреѓале и сигурен сум (по разговор со добар дел од нив) дека ќе ти го простат во име на компромис и доброто на Вардар. Сите сме згрешиле, па и ти и Комити.

Зошто управата не може да го издејствува овој компромис, не ми е јасно, кога токму за ова се платени.

2. Исписница за Манасков

Ова секако би било на штета на клубот, бидејќи јас уживам кога го гледам Манасков во Вардар. Тој е новиот македонски ракометен бисер кој може да игра во секој клуб. Токму затоа неговото седење на клупа е за секаква осуда. Наместо да напредува и во секој нареден меч да биде се подобар, Дејан грее клупа, а Дибиров нема замена. Ако веќе не можете да издејствувате компромис, не мора талентот на Манасков да се уништува ради ваша некомпетентност.

3. „Исписница“ за Комити

Ова не мора да го направите официјално, туку постепено со неколку мерки. На пример, ставете столчиња и на трибината каде сега седат Комити, поскапете ги картите и за стоење, не продавајте повеќе од 5 карти на една личност и не дозволувајте внесување на транспаренти. Во салата секако ќе има Комити, но ќе се стопат во толпата.

Ваква одлука ќе значи и збогум за познатата атмосфера од која сите играчи на Вардар се зависни, барем во прв момент, но и на тоа може да се работи. Популаризација на химна на Вардар (платете некој да напише), пуштање на делови од химната во текот на натпреварот, анимирање на публиката... Атмосферата повторно ќе се подигне. Нема да биде никогаш иста, како што е сега кога Комити пеат, но ќе биде солидна.

4. Исписница за дел од управата (или за целата)

Ако вие не знаете да го менаџирате овој Вардар и ради вас не го постигне она што може, напуштете сега пред да биде доцна. Верувајте ќе се најдат луѓе кои ќе знаат да го решат проблемот за пола саат.

За крај, до сите три вмешани страни во овој проблем. Управата, Комити и Манасков. Вардар постоел многу пред вас и ќе постои и без вас. Свирењето на играч во црвено-црн дрес мора да престане, а разликата во одлуките кои ќе ги донесете ќе влијаат на сеќавањето на вас, како легенди или предавници. Вие одлучете.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно