Никој не ги дочека ракометарите! Дали заслужија повеќе?

Неколку дена пред официјалното затворање на европското првенство во ракомет во Полска и прогласувањето на најдобрите, нашата репрезентација денеска пристигна на аеродромот Александар Велики во Скопје. Без помпа и медиумска покриеност, во Скопје ги пречекаа само најблиските. Речиси истити оние момци кои пред неколку години од Србија се вратија како херои, пред 100.000 луѓе на плоштадот Македонија, сега тивко се вратија во татковината. Дали заслужија повеќе?

skopje-3

Бројки:

Шест меча, 4 порази и два нерешени исходи. Второ Европско првенство, по она во 1998 година во Италија, на кое Македонија не забележа победа.

Игра:

Одлични 50 минути против Франција, Полска и Норвешка, за 2 порази и еден нерешен исход. Нервозен натпревар да се биде или не против Србија за бод и пласман во втората група. И две катастрофи. Загубени на теренот против Хрватска и без мотив против слабата Белорусија. Не велам дека Хрватска требаше да ја добиеме или дека имаме подобра екипа, но никако не смееме да си дозволиме да се распаднеме на теренот. За разлика од тој натпревар, со Белорусија бевме големи фаворити, па веројатно помисливме дека со самото појавување на теренот резултатот ќе си дојде. Противникот беше без двајцата најдобри ракометри, но по нашата индолентност голот ни го полена речиси непознати ракометари. Анунимуси. Веројатно најлошиот натпреавар на оваа генерација ракометари во црвено жолт дрес.

Позитивно:

Освен што докажавме дека можеме и против најдобрите, барем 50 минути, како позитивно од ова европско првенство мора да се издвои етаблирањето на Кузмановски во македонски репрезентативец. 19 годишното момче покажа дека освен талент и физички предиспозиции има и желудник за големи мечеви. Спорстка дрскост да бие и погоди и кога на голот против себе ги има Омејер, Алиловиќ, Шмал...

Иако и тие беа дел од тимот кој на моменти играше очајно, морам да ги пофалам и двете македоснки крила. Дејан Манасков, јунакот со Србија и Гоце Георгиевски, на кој одлично му дошол одвоениот живот од дома во Франција. Со една реченица, Македонија има крила од светска класа.

Негативно:

Ако како позитивно ги набројав оние 50 минути против големите репрезентации, тука морам да ги ставам останатите 10. Токму во тие 10тина минути Македонија испушти три победи! Шест бода за контрасно различна слика и пласман на ова првенство. Десетина минути за 100.000 луѓе на плоштад, место срамежливо враќање во татковината.

Колку и да жалиме за тие 10 минути во трите натпревари, најголема болка, за оние кои ги бодрат македонските ракометари, се поразите од Хрватска и Белорусија. Не толку поразите колку играта и залагањето. Ако со Хрватска се обидовме, но тактички бевме надмудрени, со Белорусија немаше ни С од „Срце на терен“. Признаа и ракометарите, потврдија и легендите дека ваков меч не смее да ни се случи уште еднаш.

Епилог:

Сега, откако Македонските репрезентативци ќе го следат крајот на првенството покрај малите екрани, останува да навиваме Норвешка да не се качи на највисокото место на подиумот, па ние да играме квалификациски олимписки турнир за Рио. И покрај падовите на оваа генерација на ракометари, тие тоа го залсужуваат, па најискрено им посакувам да бидат првата репрезентација што ќе не преставува во екипен спорт на Олимпијада.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно