За крстот, за орелот, за хиените. За МАКЕДОНИЈА!

Пред една недела пишував за политичката ситуација во државава и заклучив дека Македонија го допре дното. Се излажав. Никогаш повеќе нема да си дадам за право да помислам дека сме на дното, затоа што ми докажаа дека секогаш може да биде полошо, многу полошо.

timthumb

Многупати досега сум се прашувал како се рушат цели ситеми. Не зборувам за партија на власт или за институции, туку за цела држава и секој систем во неа. Барајќи го одговорот сум читал за распаднати и исчезнати држави, но никогаш не можев да го доловам во целост тој распад. Се до сега, до ова лудило во кое живееме повеќе од една година. Лудило што ни го одзема и она малку кое го имавме како народ, како нација.

Речиси 25 години имаме или поточно глумиме држава, но народ сме со векови. Четврт век сме самостална Република Македонија или поточно ФИРОМ, но нација сме од секогаш. Дојде време и тоа да го изгубиме. Не, ова не е теорија на заговор. Никој, освен самите ние не е крив и никој нема да не пороби, уништи, расцепи... самите ние се јадеме од внатре. Дури и да имаме душмани и тие сфатија дека за да не снема, треба само да не остават на раат и да почекаат.

25 години слушаме како две политички опции се навредуваат едни со други. Започна со тоа како едните знаат дека се подобри од другите, попаметни се, едноставно знаат што ни треба. Па реториката се смени во, може ние сме лоши, но другите се полоши, за последниве година две да стигнеме до, не ме гледај мене, види ги другите што прават. И точно тогаш кога требаше се да помине, да се измазни, да се вратиме во нормален правец, стигна Пржино и рушењето на македонскиот Устав. Македонија прогласи недржавност. Принесе доказ дека самостојна Република Македонија е само фарса. За да се доцементира тој факт, се погрижија политичарите пред 10тина дена, кога ги пролонгираа предвремените избори за неколку месеци, по директива на јаки фаци од некои други држави. Токму тогаш напишав дека не може подолу и се излажав. Во рок од една недела неколку ситуации ми ги отворија очите. Државата не е се што имаме да изгубиме т.е. да подариме. Тука се идентитетот, нацијата, историјата...

Најпрво некоја будала таму во Бутел бесправно изгради двоглав орел на кружен тек. Да се разбереме, јас немам никакви чувства кон споменик на орел, па што и да симболизира. Едноставно сум апатичен кон истиот, но кога знам дека е изграден бесправно и како провокација, од апатија шалтам у нервоза, ко од втора у трета. Единствено нешто полошо од бесправно поставената птица беше реакцијата на истата. Не го рушите? Епа сеа крст висок 40 метра ќе изградиме! Како ли крстот ќе помогне околу бесправно изградениот дефектен орел јас не знам. Еве ако знае некој, нека ми каже. Или не му беше целта тоа, туку на провокацијата да возврати со иста мера? Не знам што е пострашно, тоа што и по 25 години Македонците може да ги испровоцира орел, а Албанците (муслиманите) крст или тоа што некој сеуште ги употребува овие симболи како оружје при пасење овци.

Некој ден подоцна на YouTube се појавија приватни телефонски разговори кои немаат никаква врска со криминал, на луѓе кои не се занимаваат со политика. Да живеев уште во илузија дека имаме држава ќе прашав зошто тој човек не е приведен или како стигнаа разговорите до него, т.е. кој му ги даде? Но, ситуацијата е различна, па место да размислувам како да сум жител на Европа, ќе го искоментирам најстрашниот момент за мене. Не е најстрашно тоа што некој кретен објавил приватни телефонски разговори со цел да омаловажи некого и да му го уништи семејството. Иако и тоа е доволно страшно, мене ме плаши тоа што народот ужива во овие прислушкувани разговори. Тегне сеир и задоволно се смешка. Народот, оној обичниот, место да го осуди овој чин, со задоволство го прифаќа како исполнување на правда. Кога веќе државата не функционира, народот избра да ги сруши моралните и општествените норми. Лудилото кое трае една година го полуде народот до степен на лешинарство. Хиените чекаат нова бомба, нов скандал, нов шамар, приватен разговор... Не се веќе задоволни со „Големиот брат“, „Фарма“, „Парови“, сега сакаат вистинска крв, па макар течела и од нивните рани.

Велат надежта последна умира, но светлината на крајот од тунелот полека ја снемува. Со секое пуштање на ТВ, компјутер, радио, мал дел од надежта се губи. Со секој обид да возите автомобил, мотор, велосипед по скопските улици сфаќате дека владеат чудни закони. Некои други фаци и (сакам да речам) вредности го водат денешното македонче во иднината. Иднина во која нема Македонци, туку само македончиња. Иднина во која општествена вредност е како да го заебеш комшијата. Утре во кое е нормално да се ситиш на туѓа мака и во кое секоја цел ги оправдува сите средства. Готово е, при крај сме. Би сакал да верувам дека 5ти Јуни нешто ќе смени, но ...

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно