ФОТО: Несовесни студенти ги уништуваат новите лифтовите во студентските домови

Несовесни студенти ги уништуваат лифтовите во студентските домови само по неколку месеци од нивното поставување.

Оштетени лифтови освен во “Кузман Јосифовски-Питу“ и “Гоце Делчев“ каде била расипана и сигурносната врата, има и во студентскиот дом “Пелагонија“ во општина Кисела Вода.

Лифтовите беа набавени од страна на Министерството за образование и наука пред само неколку месеци.

“Ова е исклучително значајно затоа што на овој начин ќе се подобри целокупната фреквенција и функционалност во студентските домови, а тоа пред сé е во интерес на студентите“, истакна заменик министерот за образование Спиро Ристовски при промоцијата на инвестицијата вредна 15 милиони денари.

Но, од фотографиите може да се увиди дека лифтовите изгледаат како да се користени со децении а не како да се поставени пред многу кус рок.

Производителите даваат гаранција, но на проблеми и дефекти кои би се случиле од технички аспект, а не поради несовесност, вандализам и немање на општа култура и домашно воспитание.

За вакви случаи се предвидени санкции но, само доколку сторителите бидат пронајдени.

Надлежните велат дека има и случаи кога ниту безбедносните камери, онаму кадешто ги има, не ги спречуваат дел од студентите да се однесуваат спротивно на правилата за престој во овие установи и да ја спроведат лошата намера.

Коментари

Популарно