ВИДЕО: Скопјанец монтираше скии на количката на својата ќеркичка

Фотографот Васе Петровски – Аманито од Скопје ја поставил на скии количката на својата ќерка за полесно да може да се движи по заснежените улици во Скопје.

Идејата на Васе наиде на многу позитивен прием кај читателите кои веднаш посакаа да ја применат.

Прво истражувал на интернет, па добил идеја како на количката на неговата ќеркичка Бора да постави стари скии и излегувањето надвор да го направи вистинска забава за целото семејство.

- Како падна снегот во Скопје, луѓе кршат нозе, раце, колкови и што уште не, а замислете со 12 месечно бебе да излезеш надвор да се прошеташ? Нема шанси… Со истиов проблем се соочило и уште едно семејство во Канада кое што од истата мака си направило производ кој што веќе е на продажба. На интернет успеав да најдам неколку комерцијални производи: Polar Stroller Skis, Ski Buggy, Premier Ski и Wheel Blades, но бидејки живееме во Македонија, ако ги нарачам и додека да стигнат снегот веќе ќе се стопи, а вториот проблем беше цената, од 60$ за скија па нагоре на тоа плус поштарина, данок, царина и слично. Како професионален фотограф редовно купувам опрема која што нема никаква врска со фото апаратот, односно јас би ги нарекол пластика и железо, а во суштина се разно-разни стативи, штипки, стеги, конектори, адаптери и многу други делчиња кои што не се секогаш наменети за фотографскиот пазар, но јас се обидувам да им најдам примена вклучувајки ја цената наспроти перформанси и можностите. Во суштина се работи за производи кои ми овозможуваат да го наместам она што сакам да го фотографирам, баш така како што ќе го замислам односно има потреба да биде поставено. Прво тргнав со идејата да најдам малечки пластични скии, какви што имаше на времето, за жал веќе такво нешто не постои. Потоа ми текна дека имам еден пар многу стари Elan скии. Им ги извадив везовите, поставив четири ганц нови стеги кои што тазе ми стигнаа од Кина за еден проект и се изненадив дека одлично пасуваа на тркалата. Кога количката на скии беше готова, започнав со тестирање - раскажа Васе во разговор за „Фокус“.

Првиот тест го направил во Паркот на жената доцна навечер, потоа на рамно покрај Вардар на кеј, а на крај го тестирл на Водно со Бора во количката.

- Единствен проблем со кој во моментов се соочувам е преминување улици, но и тоа не е така страшно имајќи во предвид колку пати се соочувам со фактот дека кај нас сеуште нема рампи покрај скали и многу други непристапни места за количка, па мора да се качува количката на раце. Еве неколку денови како си играм и секој ден додавам односно одземам по нешто за да го направам да биде по практично и по лесно за користење - вели Петровски.

Коментари

Популарно