Излез од кризата не е мандат за СДСМ, ниту нови избори за ВМРО ДПМНЕ

Кога пред две години започна политичката криза во Македонија, единственото решение според сите беа нови парламентарни избори. Со цел истите да бидат КРЕДИБИЛНИ, имавме шарени револуција, бомби, протести, „Пржински договор“, чистење на избирачки список (во кој сепак немало фантоми) и конечно избори. Фер, демократски, кредибилни. Но и тоа не беше доволно, па имавме прегласување на една гласачка кутија, за сепак ситуацијата да остане непроменета. Исходот: ВМРО ДПМНЕ 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, АА 3, ДПА 2. И токму кога требаше кризата да заврши, се случи она за коа пишував пред изборите. СИТЕ ПРОГЛАСИЈА ПОБЕДА.

ВМРО победи затоа што има најмногу мандати. СДСМ победи затоа што не гласале сите за ВМРО. ДУИ победи од истата причина како и ВМРО, а БЕСА затоа што му земала мандати на ДУИ. Дотаму сме. Кај нас политичарите си имаат свој критериум за победа. СДСМ има 2 мандати помалку од ВМРО, но бидејќи, според нив повеќето од граѓаните не гласале за ВМРО, тоа значи дека СДСМ победил?!!!! По овој принцип, чудото за кое лани зборуваше целиот фудбалски свет, минатогодишниот шампион на Премиер лигата во Англија, Лестер, НЕ Е ШАМПИОН! Џабе Лестер собра 81 бод, кога второ и третопласираните Арсенал и Тотенхем имаат 141 бод заедно. Што значи дека тие се шампиони! И не само тоа, последнопласираните 3 екипи кои оваа сезона се во ранг подолу, Њукасл, Норич и Вила имаат вкупно 88 бода! Како може Лестер да биде шампион, а тие да испаднат? Па каде е тука логиката, демократија? Ало ФА, каде ви е кредибилитетот?!!!

Но и тоа помина. И онака секој, малку поупатен не очекуваше оставка на Заев при волку тесен резултат. На крајот, човекот толку пати се премисли и смени став, што веќе е неважно што зборува.

Дојде ред за Влада и одредување на мандатор. Уставот вели:

„Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собра- нието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

Но, претседателот реши да не го следи. Кога сите можат да го кршат, може и тој. Иванов, веројатно воден од праксата, победникот во македонскиот блок да коалицира со победникот во албанскиот блок (во случајов ВМРО и ДУИ), го додели мандатот на Груевски како партија со најголем број мандати во собранието и со многу повеќе пратеници од очекуваната коалиција. Таа коалиција би имала 61 пратеник, со што се обезбедува мнозинство во собранието. Сепак, едно е пракса, друго е Устав, а тој вели дека претседателот треба да го додели мандатот на партијата или коалицијата која ИМА мнозинство во собранието. Иванов и без оваа гаранција го доделува мандатот на ВМРО. Уставот е скршен, заради праксата и никогаш обелоденетиот и признат „Мајски договор“.

Влада не бидна. ВМРО и ДУИ не се договорија, па сега мандатот се враќа кај Претседателот. Ваква ситуација нашиот Устав не предвидува, бидејќи според истиот е невозможна. Ако Претседателот смее да го даде мандатот само на партија или коалиција која има мнозинство, истиот никогаш нема да биде вратен! Ако нема опција која нуди мнозинство во собранието, тогаш Претседателот не го дава мандатот, туку се оди на нови избори. Се е јасно, освен постапката на Иванов.

Сега СДСМ сака Иванов уште еднаш да го прекрши Уставот и да им го додели мандатот ним, додека ВМРО бара нови избори. За циркузот да биде поголем сите се повикуваат на Уставот. Истите оние кои грубо го прегазија во Пржино, сега повикувајќи се на Уставот бараат власт или избори.

Топката е кај Иванов и тој има избор. Уште еднаш да го прекрши Уставот или да го следи. Ако го даде мандатот на било кого, тоа е уште едно кршење. Ако повика на избори, и тоа е кршење на Уставот. Единствена правилна одлука е Претседателот да даде рок од 10 дена, по враќањето на мандатот од ВМРО, во кој рок ќе чека било која од партиите да поднесе докази за коалиција која обезбедува мнозинство во собранието. Токму она што требаше да го направи пред 20тина дена.

Нема решавање на политичка криза без Устав, закони и институции. Без разлика кој ќе направи Влада.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно