Кривична пријава против претседателот на СДСМ-Куманово

Полицијата ќе поднесе кривична пријава против Мартин Костовски, претседател на општинската организација на СДСМ-Куманово, за кривично дело насилство. Тој е осомничен дека на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ во вторникот нападнал двајца трактористи.

СВР-Куманово денеска излезе со соопштение во врска со настанот во кој е инволвиран претседателот на општинската организација на СДСМ - Куманово, а кој се случи пред три дена во 19:40 часот по завршување на протестниот марш „За заедничка Македонија“ на улицата „Илинденска“.

Во соопштението од СВР се наведува дека при заминување на трактористите кои учествувале на маршот, биле пресретнати од 34-годишниот Костовски, претседател на општинската организација на СДСМ Куманово, кој, како што стои во соопштението, му се нафрлил на првиот трактор и удирајќи по тракторот управуван од 56-годишниот Р.Ц. од село Пчиња, му упатил навредливи зборови.

Потоа, Костовски се упатил и кон вториот трактор, управуван од 23-годишниот Н.М. од Пчиња и, како што стои во соопштението, без никаков повод и причина го навредувал, го повлекол од тракторот и физички го нападнал, удирајќи го со тупаници по телото, нанесувајќи му телесни повреди - контузија на 'рбетот.

Костовски бил приведен и по извршено алкотестирање биле утврдени 1,47 промил алкохол во крвта.

По целосно документирање и расчистување на настанот, велат од полицијата, до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава за сторено дело насилство.

Костовски завчера негираше дека нападнал учесници на маршот.

- Ниту сум имал физички контакт ниту некој бил удрен и повреден, а не може да постои физички напад, ако нема физички контакт. Одговорно тврдам дека имаше само вербална расправа помеѓу мене и протестантите - изјави Костовски.

Коментари

Популарно