Кој собра поголем аплауз: Јанева или Груевски?

Денеска истекува рокот за поднесување на обвиненија од страна на СЈО, па токму затоа вчера „специјалните“ поднесоа нови 17, или вкупно 20 обвиненија за 18 месеци мандат колку што договорија партиите во Пржино во подсредство на меѓународниот фактор. Со тоа се затвара една фаза од работата на Катица Јанева и нејзиниот тим. За сето тоа да биде во стилот во кој започнаа и работеа година и половина, беше свикана пресконференција, на која новинарите аплаудираа на специјалните обвинители. Сеуште  е нејасно за што беше тој аплауз, ама цртан филм ни е државава, па ете помина речиси незабележано.

За ораторскските способности на Јанева и на вчерашната пресконференција е смешно да пишувам. Специјалната само уште еднаш ги покажа своите таленти. На неколку пати толку фино се заплетка, што ако бев таму незгодно ќе ми паднеше. Лидерот на СЈО изјави дека во јавноста е можно да се појавиле документи со обвиненија за членови од ДУИ со нејзин потпис, ама нејзиниот потпис можел секој да го фалсификува! Хмм... Секако никој од присутните новинари ова не го забележа, веројатно се подготвуваа за аплаузот на кројот од пресот.

На прашање на новинарка зошто СЈО не го истражило „Монструм“, Јанева одговори дека ни „Скопје 2014“ не е истражено, а имало многу за истражување. Абе и водата во Охридско езеро е поладна отколку на Егејско море, ама не гледам како е тоа одговор зошто „Монструм“ не е истражен. Секако, новинарката се повлече, загревајќи ги дланките за...

За 18 месеци, СЈО преслушале 45% проценти од „незаконски прислушкуваните“ разговори, но само ги преслушале. Не ги анализирале. Само дел од нив (Јанева не соопшти колкав) бил анализиран. Ок, еве нека нема ништо спорно во тоа. Иако буџетот и тимот кој го поседува СЈО требаше да резултира со многу повеќе, ете нека е во ред. Сепак, интересно е како СЈО ги преслуша и анализираше баш оние прислушкувани разговори кои Заев ги објавуваше како бомби? Као ист вкус имаат? Ок, не е баш ист. Заев објави некоја и од ДУИ, а СЈО ги амнестираше албанските политичари во своите истражни постпапки, па немаме ниедно обвинение за ДУИ. Дали ова по дифолт значи дека СЈО е партиски институција на СДСМ? Не, но фрла огромен сомнеж.

Неколку часа по аплаузот од новинарите за специјалните, во сосема друга сала нова прeс конференција и нов аплауз со скандирање „Никола, Никола, Никола“. Ок, овој пат аплаузот не е скандалозен, иако скандирањето за мој вкус е малку претерано. Сепак Груевски е претседател на партија, а не центарфор во Вардар. Како и да е, на пресот на ВМРО ДПМНЕ на кој зборуваше само лидерот на партијата, а се однесуваше на обвиненијата од СЈО, Груевски изјави дека ова е планиран напад за уништување на партијата и на државата. Рече дека зад ова стои „некој“ планер кој се добро смислил, но дека планот нема да му успее. Ова „некој“ е веќе здодевно.  Ако веќе сака да не убеди дека тој со своите сопартијци ќе застане на „браникот на државата“, за што секако е потребна храброст, очекувам храбро да ни го открие планерот. И жолтите комбиња и странските служби... СЕ! Знам дека таков потег би ја фрлило ВМРО ДПМНЕ во изолација и дека можеби би го загрозила дури и животот на Груевски, но ако веќе е спремен да стои на „бедемот на државата“, ова не би требало да е проблем. И онака, целта на планерот според екс премиерот е маргинализација и распад на ВМРО ДПМНЕ, а со тоа и разнебитување на Македонија.

Во својот говор Груевски посочи дека СЈО е продолжена рака на СДСМ со чија помош се врши невиден атак врз една политичка партија. Во ред, на таа изјава не можам многу да му забележам. Сепак без разлика на обвинениата, судот е тој што решава дали некој е виновен или не. На таа тема лидерот на ВМРО ДПМНЕ додаде дека планерот и СДСМ вршат притисок врз судството за дополнително оцрнување на неговата партија. И тоа е веројатно точно. Сепак она што за мене е многи интересно е што дури вчера Груевски си ја призна грешката. Тој изјави дека ВМРО ДПМНЕ повеќе нема да биде кооперативна партија со планерот и дека цврсто ќе застане во своја и одбрана на Македонија. А до сега што правевте? Нели бедемот, нели браникот? Нели 11 години срце и тело за Македонија?

За сето ова да биде уште потрагично, СЈО се надева на продолжување на мандатот со промена на дел од законот за специјалното јавно обвинителство. Тоа што се неуставна институција не и пречи на Јанева, ниту пак на сите пратеници кои ја гласаа. Да, и ВМРО ДПМНЕ гласаше за СЈО, чисто за потсетување. Изгледа на друг браник биле тогаш.  Неуставна институција гони противници на моменталната власт во Македонија, а меѓународната заедница тоа го сфаќа како демократија. Абе...

И за крај, уште еден аплауз, овој пат со огномет и прослава на 4ти Јули во организација на Американската амбасада во Скопје. Овој пат и аплаузот и огнометот оправдани, затоа што тоа е најголемиот Американски празник. Убава атмосфера, скоцкани политичари, новинари и јавни личности, но речиси и да немаше член од ВМРО ДПМНЕ. Веројатно отишле на браникот. Сериозна работа е тоа.

На прославата амбасадорот Бејли: Ова е време за градење единство меѓу партиите и заедниците, за да се постигне заедничка цел – безбедна, просперитетна и демократска Македонија која се движи кон НАТО и ЕУ.

Шо знам, мене не ми личи така! Вас?

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно