Три кривични пријави против градоначалникот на Неготино

Си ја ослободил од комуналии вредни 30 илјади евра фирмата во која бил еден од газдите. Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов заработи три кривични пријави за злоупотреба на службената положба. Му ги поднесе полицијата која јавно не сакаше да го открие неговиот идентитет.

„Полициската станица од Неготино има поднесено три кривични пријави против лицето В.А. на 54 годишна возраст од Неготино поради основано сомневање дека сторил  кривично дело по член 353 од кривичниот закон на Република Македонија, член кој се однесува на  злоупотреба на службена должност и овластување“, рече Верољуб Додевски – портпарол на СВР Велес.

Апостолов бил еден од сопствениците на фирмата Рудуна енергија од Кавадарци, која барала од општина Неготино да ја ослободи од комуналии при изградба на електроцентрала. И покрај судирот на интереси, Советот на општината донела одлука во корист на фирмата, со што го оштетила буџетот за 30 илјади евра. Покрај ова, Апостолов е осомничен уште и дека без тендер одобрил речиси осум илјади евра на локален веб портал, но и дека, спротивно на законот, поставил в.д. директор во основно училиште. Градоначалникот Апостолов е изненаден од кривичните пријави и негира дека сторил нешто незаконски.

„Ова е чисто монтирана политичка хајка против мене и функционери на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи поднесени се три кривични пријави кои за многу правници, а и за други луѓе изгледаат доста смешно Општина Неготино не може да овозможи изградба на инфраструктура, бидејќи е поскапа многу кратно, можеби дваесет и педесет пати отколку средствата кои се определени  за комуналии.  Самата инвестиција се гради за многу побрзо време отколку да општината прибере средства и изгради комунална инфраструктура и според мене апсурдно е тоа“, рече Ванчо Апостолов – градоначалник на Неготино.

Минатата недела полицијата поднесе кривична пријава против велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, кого го товари дека ја злоупотребил службената положба.

Коментари

Популарно