Зошто ве боли за време на секс?

Болката при сексуален однос е  многу чест проблем, сепак многу малку жени се осмелуваат да зборуваат за проблемите поврзани со нивното сексуално здравје. Тоа би требало да се промени. Првиот чекор што можете да го направите е да се информирате. Ова се најчестите 9 причини зошто чувствувате болка за време на сексуалните односи…

1. Сувост

Најчестата причина што предизвикува болка за време на сексот е сувоста. Ако предиграта не трае доволно долго или имате природно сува вагина, сексот може да биде непријатен и болен. Во овој случај најдобро е да користите лубриканти на природна база.

2. Инфекции и болести

Инфекциите како генитален херпес, трихомонијаза и габична инфекција можат да предизвикаат многу непријатни проблеми во пределот на гениталиите. Тие се многу чести и затоа важно е да имате заштитени сексуални односи и редовно да одите на гинеколошки преглед.

3. Ендометриоза

Ендометриозата се јавува кога ткивото на матката расте и ги зафаќа другите делови од телото, како што се јајчниците и јајцеводите. Многу е болна и голем број жени се соочуваат со овој проблем. Лековите против болка и хормонските терапии можат да помогнат во овој случај.

4. Воспаление на карлицата

Воспалението на карлицата лесно се лекува со антибиотици, но предизвикува големи проблеми. Се случува кога бактериите, кои најчесто се последица на сексуално преносливи болести, патуваат низ вагината до матката. Во таква ситуација, сексот воопшто не е забавен.

5. Психички и емоционални проблеми

Анксиозноста, депресијата и стравот не се физички болести, но можат да остават негативни последици на телото. Емоциите играат голема улога во сексуалните односи и можат да бидат причинители на сексуална болка.

6. Интерстицијален цистит

Станува збор за воспаление на мочниот меур кое предизвикува големи болки. Доколку некогаш сте имале проблем со вакво воспаление, сигурно знаете дека сексот е многу болен особено при подлабока пенетрација.

7. Вагинализам

Вагинализмот претставува посебна состојба на стегање на вагиналните мускули за време на пенетрација, што го прави сексот многу болен. Сепак, постојат одредени третмани кои можат да ви помогнат да се справите со овој проблем и конечно да искусите сексуален живот полн со возбуда и страст.

8. Проблеми со дигестивниот систем

Кога ќе се спомене дигестивниот систем, сигурно сексот не е првото нешто што ви паѓа на памет. Но, ваквите проблеми го нарушуваат вашиот менструален циклус и предизвикуваат болки во карличниот предел. Освен тоа, за време на сексот можно е да почувствувате притисок на стомакот, што предизвикува болка и го намалува сексуалното задоволство.

9. Вонматерична бременост

Кај вонматеричната бременост доаѓа до всадување на ембрионот надвор од матката, најчесто во јајцеводот. Оваа состојба не само што предизвикува болка за време на сексот, туку е и многу опасна. Доколку се сомневате дека постои можност за вакво нешто, веднаш побарајте лекарска помош.

Ако вие сте една од многуте жени кои страдаат за време на сексот, нема потреба да минувате низ тоа сами и да молчите. Нема од што да се срамите, треба само да побарате помош од вашиот лекар. Заслужувате да имате прекрасен сексуален живот и можете да го постигнете доколку се информирате доволно и се обратите на вистинското место.

Коментари

Популарно